Економија

За 2026 година приоритет се Африка и Азија, министерот Муцунски за тимскиот пристап во процесот на привлекување странски инвестиции

Процесот на привлекување странски инвестиции го работиме заеднички и координирано како тим со Агенцијата за странски инвестицији, Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони, Канцеларијата на председателот на Владата и дипломатско конзуларните претставништва, истакна денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа кој колку инвестиции донел во државата или договорил. Забележа дека одредени пазари со голем потенцијал биле запоставувани, на што ресорното министерство работело на отворање амбасада во Саудиска Арабија и посета на пазарите во Африка и Азија во идниот период заедно со стопанските комори.

- Видовте дека бевме признаени како една од земјите, која во предходната година имаше донесено огромен број странски инвестиции. Сите нови инвеститори кои дошле во последната година, од кои голем дел се презентирани и тука на прес-конференција заедно за претседателот на Владата, се работат координирано преку тимот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Агенцијата за странски инвестицији, Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони, Канцеларијата на Председателот на Владата е секогаш вклучена. Значи, ние работиме координирано како тим, истакна Муцунски во одговр на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

- Имаме одредени ситуации каде што контактот остварен преку дипломатско конзуларно претставништво, имаме ситуации и примери каде што тоа е направено под директен контакт на компанијата која што слушнала за потенцијалните услови. Не би можел да издвојам дека еден или друг начин бил превалентен или бил понагласен. Тоа што би можел да ви кажам дека ние работиме координирано како тим, нашите дипломатски-конзуларни претставништва по добивањето на овие надлежности добиваат многу специфични инструкции со поголема динамика од што добивале предходно по ова прашање. Секогаш кога патувам на билатерални посети надвор од државата, често знам да бидам придружен од дел од економскиот тим на Владата и тука работиме прилично координирано по однос на овие прашања. Така што мислам дека не е коректно да речеме дека инвестицијата и доколку е остварена по пат на комуникација преку дипломатско-конзуларно представништво, не е целосната заслуга само на институцијата која јас ја раководам, подвлече Муцунски.

Во однос на прашањето дали Владата размислува да го засили дипломатското присуство во региони каде што не е застапено, тој посочи дека идната година очекува да биде отворена амбасада во Саудиска Арабија.

Како негов приоритет во текот на 2026 година е да посети дел од пазарите во Африка и Азија заедно со претставници од стопанските комори во државата. 


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано