Општество
Сонот за Тоше се претвори во импресивен витраж
13.11.2025
Витраж со Тоше Проески и мотиви од неговата песна „Полско цвеќе“ се поставени на спомен обележјето на големата македонска и балканска музичка ѕвезда, на Гумење во Крушево. Дар е на српскиот витражист Драго Гањиќ. Иницијативата од пред 14 години има симболика. Негова пријателка од Сомбор го сонувала Тоше токму на денот на неговото загинување, 16 октомври. Нешто слично му се случило и на витражистот, само што Тоше ја пеел песната „Полско цвеќе“.
- Иницијативата ја почнавме во 2011 година. Мојата пријателка Соња Јоковиќ од Сомбор и јас седнавме да разговараме. Таа ја изнесе својата идеја. Го сонувала Тоше во бело и во голема светлина и тоа на денот кога загина, 16 октомври. Што е интересно, и јас имав сличен сон, Тоше во сонот беше во бело, но ја пееше песната „Полско цвеќе“. Значи, ја покренавме таа приказна за да се направи нешто за Тоше, раскажува Гањиќ, кој на Гумење го следеше поставувањето на витражот.
Првиот дел од витражот со ликот на Тоше е донесен на 14 ноември 2012 година. Направен е за два-три месеци. Комплетната тема на витражот е „Полско цвеќе“. Витражот едно време беше конзервиран во Спомен-куќата на Гумење. Сега, вториот дел е изработен за два и пол месеци. И при изработката има необична приказна, поврзана со Тоше.
- Секој дел е од стакло и слика, и тоа запечени во печка. Но се случи нешто неверојатно, зачудувачки. Станува збор за стаклениот дел, последниот дел од текстот што е поставен, а Тоше го отпеа во „Полско цвеќе“. Стаклото трипати пукнуваше во печката. Малку бевме скептични. Тогаш преку пребарување на Интернет видов што работел Тоше кога бил во основно училиште: многу го сакал звукот на пукањето и кршењето на стаклото. Дури, со топка ги скршил прозорците во училиштето. Тогаш, кога го ставав стаклото по четврти пат во печката беше полноќ. Седнав, гледав и си реков: „Тоше, те молам, немој да се скрши и ова стакло“. И, утрото го извадив тоа стакло. Цело, нескршено. И, еве, успеавме да го направиме и да го поставиме, емотивно раскажува Гањиќ.
Извор/фото МИА