Финансии / Банкарство
ЦРВЕН ЧЕТВРТОК ЗА АКЦИИТЕ НА ТЕХНОЛОШКИТЕ КОМПАНИИ, најголем дневен пад на берзанските индекси
14.11.2025
Берзанските индекси на Волстрит, во четвртокот го забележаа својот најголем дневен пад за повеќе од еден месец, што најмногу се должеше на остриот пад на цените на акциите на Nvidia и голем број други големи технолошки компании.
Дау Џонс се лизна за 1,65 проценти, на 47.457 поени, додека S&P 500 потона за 1,66 проценти, на 6.737 поени, а индексот Nasdaq за 2,29 проценти, на 22.870 поени.
Технолошкиот сектор беше под најголем притисок вчера, што често се случува во последните недели, бидејќи инвеститорите стравуваат дека цените на акциите во тој сектор се превисоки.
Овој сектор долго време растеше силно, благодарение на еуфоријата поврзана со развојот на вештачката интелигенција, но сега некои инвеститори веруваат дека цените на технолошките акции се превисоки, па затоа го префрлаат капиталот од него во други сектори.
Вчера, меѓу другите, акциите на Nvidia, Broadcom и Tesla паднаа помеѓу 3,6 и 6,6 проценти.
- Постои голема неизвесност околу состојбата на американската економија. Минуваме низ мала корекција на пазарот во секторот за вештачка интелигенција, а исто така гледаме ротација на капиталот на пазарот - вели економистот Питер Кардиљо.
Неизвесноста околу каматните стапки, исто така, има негативен ефект врз пазарот. Неодамна, инвеститорите беа убедени дека Федералните резерви дополнително ќе ги намалат каматните стапки за 0,25 процентни поени на состанокот во декември.
Но, тоа станува се помалку сигурно бидејќи многу лидери на Федералните резерви претпазливо велат дека инфлацијата е сè уште далеку над целните нивоа од околу 2 проценти.
Како точно се движи инфлацијата во САД не е познато, исто како што другите економски индикатори не беа познати во последните недели бидејќи федералните служби не работат од почетокот на октомври.
Вчера и на европските берзи паднаа цените на акциите. Лондонскиот индекс FTSE се намали за 1,05 проценти, на 9.807 поени, додека франкфуртскиот DAX падна за 1,39 проценти, на 24.041 поен, а парискиот CAC за 0,11 проценти, на 8.232 поени, пренесува Телеграф.
Фото Економија и бизнис