Општество

Во Битола амбасадите на Франција и Германија го одбележаа Денот на примирјето

Европската градба, пред се е проект за мир и просперитет. Таа може да постои само доколку заедно продолжиме да работиме на неа, тоа никогаш да не го заборавиме, порачаа амбасадорите на Германија Петра Дрекслер и на Франција Кристоф Ле Риголер за време на денешниот престој во Битола.

На комеморативниот собир што се одржа на француските воени гробишта, амбасадорите истакнаа дека ги слават победата и мирот, но и оддаваат достојна почит на сите што загинале за време на војната.

Со заеднички комеморации на ова Примирје, ја одбележуваме силата на помирувањето и европската солидарност, што овозможи континентот да се обнови по втор пат по Втората светска војна, истакна францускиот амбасадор Ле Риголер.

Гробиштата во Битола каде што се наоѓаме, со своите 6.000 гробови и оваа импозантна костурница потсетуваат на цената што ја платиле војниците, без оглед на нивната националност. Се сеќаваме и на цивилното население. Им оддаваме почит на сите борци, на сите цивилни жртви, нагласи во своето обраќање германската амбасадорка Петра Дрекслер.

-Македонскиот фронт е од големо значење за нашето сеќавање во Германија бидејќи тука започна динамиката што стави крај на ужасната војна што меѓу 1914-1918 година предизвика до 17 милиони жртви ширум светот. Тоа што денес стојам овде со мојот француски колега, што Франција и Германија на толку многу места во светот заедно се сеќаваат на страдањето од војната е трогателно бидејќи тоа е се друго освен нешто што се подразбира, после страдањето што Германците во двете светски војни им го предизвикаа на своите соседи, на Европа и светот, посочи амбасадорката Дрекслер.

Според востановената традиција, цвеќе положија делегации од амбасади на повеќе европски земји, делегација на Општина Битола предводена од градоначалникот Тони Коњановски, како и претставници на здруженија на граѓани од Битола.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано