Бизнис
ГЕРМАНИЈА САКА ДА ЈА НАМАЛИ ЗАВИСНОСТА ЗА ЛЕКОВИ ОД КИНА И ИНДИЈА
14.11.2025
Германската влада подготвува поддршка за фармацевтската индустрија со цел да го зајакне домашното производство и да обезбеди снабдување со лекови во услови на повремени недостатоци и зависност од увоз од Кина и Индија.
Со субвенционирање на производителите на лекови, Берлин сака да ја обезбеди позицијата на Германија како центар на фармацевтската и медицинската технологија.
Овие сектори се важни за квалитетна здравствена заштита и се значајна ставка во создавањето додадена вредност и во иновациите, изјави шефот на кабинетот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, Торстен Фрај, по состанокот со претставници на фармацевтските компании и здруженија во Берлин.
Министерката за здравство Нина Варкен изјави за новинската агенција ДПА дека целта е да се зајакне иновативната моќ на германските производи и безбедноста на снабдувањето.
Според неа, фокусот е на намалување на бирократијата и забрзување на процедурите, а истовремено да се контролираат трошоците за здравствениот систем како целина.
Фармацевтската индустрија е еден од ретките сектори на германската индустрија што доживува раст, но Германија сè уште, од време на време, доживува недостиг од лекови против треска и болка, антибиотици и лекови за дијабетес.
Многу лекови се увезуваат од Индија и Кина. Фармацевтската индустрија се откажа, на пример, од производството на пеницилин, обвинувајќи ја политиката која, како што тврдат, инсистира на пониски цени.
Германските закони не им дозволуваат на компаниите едноставно да ги префрлат повисоките трошоци на клиентите со зголемување на цените на лековите, пренесува ДПА.
Фото Економија и бизнис