Интервјуа
ИНТЕРВЈУ | Ило Ристовски: ГОДИНА НА РАСТ И СТАБИЛНОСТ ЗА ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ
Интервју со Ило Ристовски, генерален директор на Халк Осигурување
Економија и бизнис | печатено издание | 01 ноември 2025г.
Влегуваме во завршната фаза на 2025 година. Како ги оценувате резултатите на Халк Осигурување годинава и на што првенствено се должат тие?
И. Ристовски: До крајот на третиот квартал од 2025 година, Халк oсигурување постигна значително подобрување во сите сегменти остварувајќи добивка од 8,5 милиони денари. Полисираната премија порасна за 26 % во услови на пазарен раст од 13,6 %, со вкупно полисирани 887 милиони денари, пред сè во сегментот на доброволни осигурувања. Наш приоритет е професионална, квалитетна и навремена обработка на штетите, a воспоставената пракса за исплатата да се изврши истиот ден кога се донесува одлуката е наш препознатлив стандард и создава реална вредност за клиентите. Убедливо можам да кажам дека Халк oсигурување е финансиски стабилно, повеќе од адекватно капитализирано, со вишок средства за покривање на техничките резерви и целосна усогласеност со законските прописи. Ова ни овозможува сигурно работење, инвестиции во развој и долгорочно планирање. Резултатите ја потврдуваат успешната реализација на првите девет месеци од годинава. Со дополнителен ангажман во последниов квартал очекуваме уште подобри резултати до крајот на годинава.
Нашиот успех е резултат на јасна визија, силен тим, професионализам и доверба како од клиентите така и од акционерот Халк Банка. Современите дигитални решенија ни овозможуваат ефикасно работење и долгорочен раст. Тоа е формулата на нашиот успех и причината за гордост на сè што постигнавме.
Покрај задолжителните форми на осигурување како што е автоосигурувањето, што се случува кај доброволното осигурување?
И. Ристовски: Македонскиот осигурителен пазар сè уште не е доволно развиен и тоа се гледа, меѓу другото, по учеството на доброволните осигурувања во вкупната премија. Осигурувањата на моторни возила сè уште доминираат со околу 50 %, иако во минатото нивното учество било поголемо. Сепак, јас можам да кажам дека во последниве години се забележува позитивен тренд, уделот на доброволните осигурувања постепено расте.
Еден од продуктите што најмногу придонесува за ова е приватното здравствено осигурување. Последниве десетина години бележи континуиран двоцифрен раст и учествува со околу 12 % во вкупната премија на пазарот. Здравјето на луѓето е неприкосновено и верувам дека граѓаните го препознаваат приватното здравствено осигурување како начин да обезбедат поквалитетни услуги, особено во услови на ограничени капацитети во јавниот здравствен сектор. Во Халк Осигурување се трудиме да го нудиме по прифатлива премија и со услуга што е брза и беспрекорна, особено кога станува збор за исплата на штетите.
Од другите доброволни класи, имотното осигурување учествува со 25 %, а осигурувањето од незгода со 6,5 %. Иако се помали по удел, овие сегменти покажуваат стабилен раст. И кај патничкото осигурување, осигурувањето од одговорност и асистентските услуги, иако пазарното учество е ниско, гледаме позитивни трендови.
Морам да истакнам дека растот на полисираната премија на Халк Осигурување од 26% е директна последица на овие доброволни класи. Лично сум горд што нашата стратегија се исплати, фокусот на продукти кои создаваат реална вредност за клиентите и развојот на доброволните осигурувања се клучот за растот и за позиционирањето на компанијата како лидер на пазарот.

Што значи сето ова за пазарната позиција на друштвото? Што го издвојува Халк Осигурување од конкуренцијата?
И. Ристовски: Вкупната премија на пазарот на неживотно осигурување заклучно со третиот квартал од 2025 година изнесува 11,5 милијарди денари. Нашето пазарно учество достигна 7,7 %, што е подобрување во однос на 6,9 % учество минатата година. Со дополнителен ангажман, до крајот на годинава, целта ни е да ја завршиме 2025 година со пазарно учество од 8 %. Она што го издвојува Халк Осигурување од конкуренцијата е стабилната основа и јасната визија за развој. Дел сме од групација предводена од една од најголемите банки во земјава – Халк Банка, што ни овозможува силна синергија во делот на банкоосигурувањето и создавање дополнителна вредност за клиентите.
Конкуренцијата ја сметам за многу важна, таа е поттик да бидеме подобри и да создадеме производи и услуги што ги надминуваат очекувањата на клиентите. Имаме голема почит спрема сите компании на пазарот затоа што токму преку меѓусебната конкуренција го унапредуваме целиот осигурителен сектор. Но, нашата цел е Халк Осигурување да биде препознаено по својата автентичност, професионалност и човечки пристап – по компанија која навистина стои зад своите клиенти.
Како стојат работите во осигурителниот сектор во земјава? Дали очекувате понатамошен раст, консолидација или нови модели на соработка меѓу осигурителните компании и финансискиот сектор? Какво влијание имаше развојот на банкоосигурувањето во оваа соработка во изминативе години?
И. Ристовски: Последниве две години беа динамични за осигурителниот сектор, со спојувања на компании, отворање на две нови компании и процес на консолидирање на пазарот. Предизвици во индустријата донесоа и стечајот на едно големо брокерско друштво и секако веќе подолготрајниот предизвик со непроменетата премија кај задолжителното осигурување од автомобилска одговорност во услови на раст на цените на возилата и на услугите, што ја прави оваа класа финансиски предизвикувачка за компаниите. Пазарот се подготвува и за имплементацијата на нови сметководствени стандарди за финансиско известување кои ќе овозможат поголема усогласеност со европските регулативи, транспарентност и споредливост на резултатите, што е важен чекор за стабилен и за одржлив развој. Лично сметам дека улогата на сите чинители и најважно на Агенцијата за супервизија е клучна од аспект на надзор, континуирана комуникација и стандардизација на правилата преку која се придонесува за стабилен, за уреден и за доверлив пазар.
Што се однесува до полисираната премија, очекувам стабилен раст на пазарот од околу 10 % при што банкоосигурувањето ќе има значаен удел во тој раст. Искуствено соработката меѓу Халк Банка и Халк Осигурување се покажа како исклучително успешна, обезбедувајќи 68 % пазарно учество и лидерска позиција во сегментот на банкоосигурување во неживотното осигурување. Овој резултат е јасен доказ за ефикасноста на моделот.

Во овој контекст неизбежно прашање е и влијанието на технолошкиот развој и дигитализацијата врз начинот на работа на осигурителната индустрија. Што прави на тој план Халк Осигурување?
И. Ристовски: Минатата година имплементиравме ново софтверско решение базирано на најсовремени технологии со кое создадовме платформа што овозможува значително унапредување на деловните процеси и подигање на квалитетот на услугите. Паралелно со тоа вложивме и во модернизација на ИТ-инфраструктурата, овозможувајќи сигурна и ефикасна поддршка на „облак“ на сите системи. За успешната реализација на овој проект, Халк Осигурување доби специјална награда за најдобра трансформација на „облак“ на ниво на Република Турција, на натпревар на кој учествуваа турски компании и нивни странски инвеститори. Новото решение овозможува целосна интеграција со други софтверски системи, што претставува значајна конкурентска предност за компанијата. Во наредниов период, наш фокус ќе биде продолжување на дигитализацијата на процесите, развој на мобилна апликација, нови решенија за онлајн продажба и интеграција со партнерите со кои соработуваме.
Кои се клучните приоритети на Халк Осигурување за развој во 2026 година?
И. Ристовски: Клучните приоритети на Халк Осигурување за 2026 година се насочени кон одржување и забрзување на растот со цел дополнително зголемување на пазарното учество, понатамошен развој и унапредување на софтверските решенија, како и континуирана едукација и поддршка на нашите вработени кои се највредниот ресурс на компанијата. Ќе продолжиме со продлабочување на синергијата со Халк Банка, со фокус на создавање уште поефикасни модели на соработка, подобрување на искуството на клиентите, особено во делот на решавање на штети, како и зајакнување на финансиската стабилност преку зголемување на профитабилноста и на ефикасноста во работењето.
Еден од клучните елементи за развој на осигурувањето во земјава е потребата од зголемување на свеста за осигурувањето. Што е клучно за унапредување на осигурителната култура?
И. Ристовски: Свеста за важноста на осигурувањето во Македонија сè уште е ниска, а непредвидливите настани, за жал, нè потсетуваат дека постојат ризици со кои не можеме самостојно да се справиме или да ги ублажиме нивните финансиски последици. Унапредувањето на осигурителната култура бара сеопфатен и континуиран пристап од сите чинители на осигурителниот сектор, како и поддршка од државните институции со јасна и недвосмислена порака за значењето на осигурувањето и последиците од неосигурените настани. Осигурувањето претставува најефикасен и најсигурен механизам за трансфер на овие ризици и можам да кажам дека осигурителната индустрија во Македонија е подготвена и компетентна да ги преземе овие ризици и да обезбеди финансиска сигурност за граѓаните и за бизнисот.
Разговараше: Кирко Бошкоски