Финансии / Банкарство
МАЛИТЕ ПРАТКИ ОД СТРАНСТВО ЌЕ СЕ ОДАНОЧУВААТ СО 18 ОТСТО
18.11.2025
Собранието ги изгласа законските измени со кои се воведува 18% ДДВ за пратки до 22 евра странски онлајн продавници. Собранието попладнево во рамки на 70-та седница донесе одлука дека Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност е прифатлив, и го проследи на натамошно второ читање.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски при образложувањето предложениот текст пред пратениците истакна дека се предлага укинување на постојното ослободување од ДДВ за увоз на пратки со мала вредност до 22 евра, испорачани од странство до примачи во Македонија.
-Предлогот предвидува и ослободување од ДДВ за мали пратки од некомерцијална природа пратени од физичко лице од странство до физичко лице - примач во земјава со вредност до 22 евра. Сепак, се предвидени и исклучоци од ова ослободување, даночно ослободување не се применува за одредени категории производи: алкохол и алкохолни пијалаци, парфеми и тоалетна вода и тутун и преработки од тутун, рече Јанкуловски.
Според Јанкуловски, основна причина поради која се врши изменување и дополнување на постојното законско решение е создавање појасна правна рамка, спречување злоупотреби и пофер услови за стопанисување.
-Се задржува сепак можноста граѓаните да примаат лични пратки од странство до 22 евра без плаќање ДДВ што од социјален аспект е многу значајно, потенцира заменик-министерот.
Тој потсети дека со директива од ЕУ од 2021 година е укинато ослободувањето од плаќање ДДВ за мали комерцијални пратки.
Пратеникот на Социјалистичката партија на Македонија, Малиша Станковиќ нагласи дека ваквото законско решение треба да биде поддржано, бидејќи, како што рече, на овој начин се стават во рамноправна положба малите македонски трговци.
-Сакаме да градиме нови патишта, болници, градинки, училишта, сакаме зголемување на минималната плата и слично. Но, тоа не можеме да го правиме доколку македонскиот денар завршува на странските пазари. Мораме ние малку да имаме една елементарна почит кон нашите луѓе, кон нашата држава. И затоа сметам дека ваквото законско решение е добро. Мора да се справиме со сивата економија, рече Станковиќ.
Пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил истакна дека законот треба да биде повлечен. Потенцира дека наместо регресивна даночна политика која ја казнува сиромаштијата, да се зафатиме да го наполниме буџетот со зголемување на даноците на добивка.
Фото Економија и бизнис