Бизнис

БИЗНИС ДИЈАГНОСТИКА | Милошевски: Дигитализацијата има голема улога во примена на новите бизнис-модели

Благоја Милошевски, главен консултант во Планум консалтинг

Подобрување на системите за управување и за дигиталната трансформација во МСП

Најголем дел од компаниите во Македонија главно ги користат дигиталните алатки за комуникација и за промоција, а ретко за доведување до оптимум на производствените процеси, за подобрување на односите со купувачите и за донесување стратешки и оперативни одлуки базирани на податоци. Големите компании имаат поголеми можности да инвестираат во напредни технологии и во автоматизација на процесите. Кај малите компании, пак, ситуацијата е значително посложена. Тие често се соочуваат со ограничени финансиски можности и со недостиг од вработени со понапредни дигитални вештини, што го отежнува воведувањето на нови дигитални технологии и автоматизација. Менаџерите и сопствениците на фирмите на дигиталната трансформација гледаат како на дополнителен товар, а не како стратешка инвестиција.
Она што недостасува кај речиси сите компании е системски пристап кој би ги поврзал дигиталните процеси со стратешките цели на компанијата.
Главните предизвици и за малите и за големите компании се посветеност на сопствениците и на врвниот менаџмент на компаниите за примената на дигиталните алатки, како и недостигот на дигитални вештини кај вработените. Станува збор за способност да се користат напредни алатки за анализа на податоци, дигитален маркетинг, онлајн продажба, управување со ресурси преку ЕРП-системи, како и примена на софтвери за дизајн и за планирање и управување со производството.
Од аспект на финансиите не секогаш се потребни големи инвестиции во дигитализацијата. Дигитализацијата може да започне со мали, постепени чекори како што се воведување на основни онлајн алатки за управување со клиенти, користење бесплатни или поволни платформи за дигитален маркетинг или автоматизација на административните задачи. Таквите решенија не бараат значителни трошоци, но можат да донесат големи придобивки во ефикасноста, во комуникацијата и во пристапот до нови пазари.
Многу компании денес се соочуваат со предизвикот да го променат својот бизнис-модел. Тоа значи напуштање на моделот кој се базира на евтина работна сила и редизајнирање на начинот на кој компаниите создаваат, испорачуваат и остваруваат вредност. Дигитализацијата тука игра голема улога. Дигитализацијата на процесите го подобрува следењето на пазарот, го олеснува контактот со клиентите и отвора нови канали за продажба. Компаниите кои успешно ги користат дигиталните технологии можат да бидат поефикасни и да креираат поголема вредност за своите купувачи.
Во изминативе десетина години се јавува тренд на смена на генерации во бизнисите. Во исто време, оваа смена на генерации бара и постепено менување на бизнис-моделите, на организациската култура и на начинот на донесување одлуки. Оваа генерација ги препознава можностите што ги нуди дигитализацијата. Но, клучно е да развијат мрежа на поддршка која ќе вклучува ментори и бизнис-советници со практично искуство. Менторите и бизнис-советниците можат да им помогнат полесно да ги совладаат почетните деловни предизвици и да развијат подлабоко разбирање на пазарните динамики и на стратегиското размислување.
Македонската индустрија ја базираше својата конкурентска предност преку евтината и вешта работна сила. Стратегијата на „евтина“ работна сила беше и еден од главните мотиви за привлекување странски инвестиции. Но, овој пристап не е одржлив на долг рок. Вработените се решаваат да мигрираат во други земји. Еден од поважните предизвици на македонските компании е токму недостигот на работна сила.
Прашањето колку е навистина евтина работната сила, ако ги ставиме трошоците за плати во корелација со продуктивноста. Евтината работна сила може да доведе до погрешен заклучок за успешноста на компаниите. Ниските плати не секогаш значат и висока ефикасност. Евтината работна сила често не ги мотивира сопствениците на компаниите да инвестираат во нови технологии и автоматизација. Вистинската конкурентска предност не произлегува од ниските плати, туку од подобра продуктивност и креирање поголема вредност.


 

Целиот ПРИЛОГ прочитајте го на ЛИНКОТ

прилогот го подготви: Митко Јовановски


 

Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација кој го спроведува Свисконтакт. Содржината искажана не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.


 

ПРЕПОРАЧАНО