Бизнис
СТАНОВИТЕ НА ЦРНОГОРСКО ПРИМОРЈЕ СЕ ПРОДАВААТ ЗА ПОНИСКА ЦЕНА ЗА СТАН ВО СКОПЈЕ!
20.11.2025
Просечната цена по квадратен метар стан во нова зграда во Црна Гора достигна 2.228 евра во третиот квартал од 2025 година, според најновите податоци на Монстат. Најскапи станови се на крајбрежјето, додека во северниот дел на Црна Гора цената за квадрат е под 1.600 евра.
Според најновиот извештај на Монстат, просечната цена по квадратен метар на новоизграден стан во Црна Гора изнесувала 2.228 евра во третиот квартал од 2025 година. Податоците се однесуваат исклучиво на станови што се продадени за прв пат, односно за кои е склучен договор за продажба за прв пат, додека пресметката не ги вклучува становите од постар фонд, деловен простор или земјиште.
Цените варираат во зависност од регионот, а најскап е традиционално крајбрежјето, каде што просечната цена по квадратен метар е 2.458 евра. Во Подгорица, просекот изнесувал 2.153 евра, додека северниот останал најповолен со 1.578 евра по квадратен метар. Интересно е што во централниот регион во третиот квартал не е регистрирана продажба на станови во новоградба.
Монстат нагласува дека просечната цена може значително да варира во зависност од учеството на становите од категоријата солидарна станбена изградба, колку е поголемо нивното учество, толку е пониска просечната цена и обратно. Сепак, во овој квартал не е регистрирана продажба во оваа категорија.
Кога се разгледуваат само становите што ги продаваат комерцијалните компании, односно становите по пазарни цени, просекот е идентичен со вкупниот просек од 2.228 евра по квадратен метар, пренесува Инвеститор.ме.
За споредба во вториот квартал од годинава во Македонија, најголемата постигната цена за стан по метар квадратен е во општина Центар каде стан од 96 метри квадратни е продаден по цена од 260 илјади евра или 166.563 денари (повеќе од 2.700 евра) за метар квадратен. Според податоците што ги објави Агенцијата за катастар на недвижности за периодот од 1 април до 30 мај продадени се помалку станови од првиот квартал од годинава.
Фото Економија и бизнис