Бизнис

ЗА ГЕРМАНЦИТЕ ГРЕЕЊЕТО НА ГАС СТАНУВА (ПРЕ)СКАПО

Прегледот на моделот за буџетот на организацијата за советување на потрошувачи покажува дека за Германците централното греење од топлана ќе биде најскапо оваа година. Во семејна куќа од 130 квадратни метри, таквото греење чини околу 2.300 евра годишно. Греењето со нафта или гас е особено скапо - обете варијанти би можеле да чинат околу 2.000 евра. Топлинската пумпа е многу поевтина: според прогнозата, оваа година овој метод на греење ќе чини околу 1.000 евра, приближно исто како дрвените пелети.

„Со мрежните такси, имаме ситуација каде што сè повеќе и повеќе приклучоци веќе постепено се откажуваат и прекинуваат. Овие трошоци потоа се распределуваат на помал број домаќинства, и затоа мрежните такси значително се зголемуваат“, објаснува Петер Прајсендорф. Тој е советник за енергија во организацијата за заштита на потрошувачите на покраината Хесен.

Учеството на мрежните такси на сметката за граѓаните е повеќе од 20 проценти, со тенденција да расте.

Сепак, мнозинството германски жители сè уште користат гас за греење. Според Здружението за енергетска економија, повеќе од половина од сите станови се грееле на гас минатата година. Уште 17 проценти користеле нафта, а 15 проценти користеле централно греење. Електричната енергија и електричните топлински пумпи учествувале со околу седум проценти, а греењето на дрва уште помалку.

Германија сака да се откаже од употребата на гас за да ги намали емисиите на штетни гасови. Бидејќи речиси половина од сите емисии на CO₂ во Германија доаѓаат од секторот за греење, според бројките од енергетското здружение BDEW.

Според тековното истражување на Здружението на комунални претпријатија, речиси една од пет градски комунални претпријатија или 19 проценти од нив, сакаат постепено да ја укинат својата гасна мрежа во следните 20 години и наместо тоа да се потпираат на централно греење и топлински пумпи.

Тековните податоци од Федералното здружение на германски производители на системи за греење покажуваат дека од јануари до јуни оваа година, за прв пат, се продадени повеќе топлински пумпи отколку гасни котли.

Греењето со гас - покрај зголемувањето на мрежните трошоци - станува поскапо од друга причина. „Даночната такса за CO₂ е обид да се обезбеди помала потрошувачка на фосилни горива преку даночен притисок. А ова важи и за енергијата за греење на домот“, објаснува Херман-Јозеф Тенхаген, главен уредник на списанието „Финанктип“.

Оваа такса беше воведена во Германија во 2021 година и тогаш изнесуваше 25 евра по тон CO₂. Оттогаш, таа постојано расте и моментално изнесува 55 евра по тон. Тешко е да се предвиди како ќе се развива понатаму: проценките до 2030 година се движат од 100 до повеќе од 200 евра - што е, во просек, три пати повеќе од денес.

Греењето на нафта и гас на тој начин ќе стане значително поскапо во наредните години. Како точно, покажува моделот-буџет: за семејна куќа од 130 квадратни метри, трошоците за гас би можеле да се зголемат за повеќе од 1.000 евра во следните десет години - до дури 2.940 евра годишно. Со нафтата, трошоците би можеле да се зголемат на околу 3.500 евра годишно. Најевтини ќе останат топлинските пумпи и пелетите - околу 1.500 и 1.600 евра, соодветно. Централното греење е најскапо и ќе остане така: во 2035 година би можело да чини повеќе од 3.800 евра, објави Дојче веле.


Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано