Општество

Дела од отпад од пакување, изработени од ученици од цела Македонија, од утре ќе бидат изложени во „Сити мол“

Повеќе од 100 уметнички дела од отпад од пакување, изработени од ученици на возраст од 11 до 18 години од цела Македонија како и од Србија и Црна Гора, пристигнаа на повикот за учество на меѓународната изложба на дела „Творење и креирање на дела од отпад од пакување – 2025“, која оваа година се одржа под насловот „Заедно за почиста животна средина“. Конкурсот беше отворен од Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Еуро-Екопак“, во соработка со Детскиот ликовен центар, а вчера (26 ноември, среда) во просториите на ДЛЦ, во библиотеката „Другарче“ беше доделена наградата за најдобро групно дело, како и три индивидуални признанија. Сите наградени добија вредносни ваучери кои може да ги искористат за набавка на материјали и прибор со кој ќе продолжат да ја негуваат  својата пасија кон одржлива уметност. Најдобрите дела, како и проширена селекција од пристигнатите творби, од утре (28 ноември) ќе бидат изложени во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје каде сите посетители ќе можат да ја погледнат младешката креативност и посветеност кон одржливата уметност.

Наградата за најдобро групно дело добија учениците од деветто одделение Петар Стојанов, Верица Петревска и Кристина Гацева од основното училиште „Димче Ангелов – Габерот“ во Демир Капија, кои работеа под менторство на професорката Валентина Вучиниќ. Првото место за најдобро индивидуално дело го освои деветтооделенката Клаудија Петковска од основното училиште „Кочо Рацин“ од Куманово, чиј ментор беше Далибор Јовановски, а делото на Наја Демировиќ од деветто одделение во училиштето „Алија Изетбеговиќ“ во село Батинци, која низ процесот ја водеше професорот Џенан Ризвановиќ, се најде на второто место. Третото место ѝ припадна на Елена Стаматовска од „Јан Амос Коменски“ чиј ментор беше професорката Даниела Илиевска – Стојчева.

- Годинашниот повик уште еднаш ни покажа колку силно младите ја разбираат и чувствуваат потребата од одржливост. Делата што пристигнаа се исклучително зрели, креативни и инспиративни, и преку нив се гледа дека темата за еко-навики, реупотреба и одговорно однесување кон природата веќе длабоко се вкоренува меѓу најмладите. Особено ме радува што учесниците успеаја да ја преточат одржливата уметност во визуелни прикази што не само што се естетски силни, туку носат и јасна, едукативна порака. Ние цврсто веруваме дека токму младите генерации се двигатели на позитивни еколошки промени. Сите пристигнати дела и оваа година претставуваат вистински пример за тоа како креативноста може да стане средство за подигнување на свеста и за градење навики кои водат кон поодржлива иднина. Им честитам на наградените, а искрено им се заблагодарувам на сите учесници што покажаа дека уметноста е моќен сојузник во заштитата на животната средина – вели Лука Луковски, директор на „Еуро-Екопак“.

Со реализацијата на овој конкурс и изложба, „Еуро-Екопак“ и Детскиот ликовен центар уште еднаш го потврдуваат својот континуиран ангажман во подигнување на свеста за важноста од правилно управување со отпадот и поттикнување на еколошка одговорност кај младите. Настанот претставува значаен пример за тоа како креативноста и едукацијата можат да се спојат во активности кои придонесуваат за почиста и поодржлива животна средина, каде младите генерации добиваат простор да ги развиваат своите навики, вештини и еколошки ставови.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано