Вести
ОД ДЕНЕСКА ПРОБНО СНИМАЊЕ НА СООБРАЌАЈНИ ПРЕКРШОЦИ, СО КАЗНИ ЗА ВОЗАЧИТЕ ОД НОВА ГОДИНА
01.12.2025
Од 1 декември почнува пробниот период за системот „Безбеден град“ за автоматизирано регистрирање сообраќајни прекршоци, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Во пробниот период, сторителите ќе добиваат известување за сторениот сообраќаен прекршок“, се вели во соопштението од полицијата.
Пробниот период е предвиден до Нова година, кога возачите ќе добиваат само предупредување за сторените прекршоци, без изрекување казни, а од јануари идната година, системот ќе почне целосно да се применува.
„Сторителите на прекршоци што ќе бидат документирани преку овој систем ќе бидат санкционирани согласно одредба што ја регулира најголемата дозволена брзина на движење на возилата. Нема да има толеренација без разлика дали ќе се документира прекршок во населено место или надвор од населено место“, велат од МВР.
Сопствениците на возилата чие прекршување ќе биде документирано, ќе добијат СМС и маил известување со линк, на кој ќе се може да се преземе записник и платен налог. Од моментот на приемот, тече рок од осум дена за плаќање половина од сумата на казната.
По истекот на тој рок, износот мора целосно да се плати во следните осум дена, пред да почне постапката за присилна наплата.
Казните ќе можат да се плаќаат и електронски, а системот веднаш ќе ја известува полицијата дека глобата е платена.
Фото Економија и бизнис