Економија

Влатко Сулев: Скопје Европска престолнина на културата 2028 е огромна шанса за развој на туризмот

Изборот на Скопје за Европска престолнина на културата за 2028 година е одлична можност за промоција на земјава како посакувана туристичка дестинација?  Европски уметници ќе дојдат во Скопје да гледаат уметност, но и би останале подолго ако понудиме автентични искуства, а може да бидат и наши амбасадори во иднина. 

А за да имаме успешна2028, треба уште денес да започнеме со подготовки, бидејќи големите и позитивни туристички приказни не се креираат преку ноќ. Успехот ќе зависи од тоа што ќе направиме сега и во следните три години: дали ќе планираме навремено, колку ќе вложиме во инфраструктура, дали ќе креираме промоција што ќе не позиционира на европската мапа. Во периодот кој следи културата и туризмот треба да делуваат тимски.

Европска престолнина на културата е титула што носи престиж, но вистинската вредност е во комплементарните ефекти. Скопје и земјава имаат ретка шанса, да се наметнат како идна туристичка атракција.

 Промоцијата треба да започне час поскоро, многу порано пред настанот. Потребно е да се присуствува на туристички саеми (Берлин ITB, Лондон WTM, Мадрид FITUR), да се развијат партнерства со нови авиокомпании и тур оператори, па дури да се координира и дијаспората. Во промоцијата да  се вклучат луѓето од туризмот, посебно од дојдовниот туризам, кои заедно со надлежните институции и културните работници ќе креираат содржини и туристички рути, се со цел да креираме подобри впечатоци, и луѓето кои ќе дојдат во земјава долго потоа да прераскажуваат доживувања.

Сите јавни установи од областа на културата треба да бидат подготвени и ставени во функција, бидејќи таму ќе се случуваат настаните, но истовремено она што е во околината и каде би се движеле посетителите треба да се збогати. Тука се мисли на уредени пешачки зони, улични фестивали, автентични гастрономски искуства, доброорганизиран јавен превоз, безбедност и ч. На посетителите културните настани им се важни, но уште поважно им е чувството што градот им го остава кога пешачат низ него.

Да се организираат улични фестивали, базари, саеми, гастрономски манифестации, спортски и outdoor активности (кајак, велосипедизам, тури на Матка), креативни квартови и pop-up уметнички простори... паралелно да се работи на оспособување на водичи кои ќе го презентираат градот на повеќе јазици. Да имаме организирани тури кои вклучуваат превоз, сместување, пропусници за настани, гастро-искуства.

Што ќе добиеме: пораст на меѓународни посети, подобрена глобална препознатливост, зголемени инвестиции во културна и урбана инфраструктура, засилена соработка со странски медиуми, уметници и тур-оператори.

Треба да создадеме програма што ќе ја слави македонската и европската култура, но ако таа програма не биде внимателно поврзана со туризмот – ќе изгубиме половина од потенцијалот. Туристичкиот сектор, особено дојдовниот туризам, мора да биде дел од подготовките уште сега, не последните шест месеци пред настаните. Тур-операторите, водичите, угостителите и туристичките асоцијации и експерти се тие што ќе го претворат едно културно случување во комплетно туристичко искуство. Тие ги знаат потребите на посетителите, имаат контакт со странските пазари и се најважната алка во создавање пакети, рути и автентични доживувања.

Изборот на Скопје за Европска престолнина на културата 2028е една од најголемите развојни шанси за туристичка промоција на Македонија во последните децении. Настаните од овој тип вообичаено носат значителни бенефити за имиџот, туризмот, економијата и локалната заедница, но тие не доаѓаат автоматски, и без навремена подготовка, вмрежување на институциите и добра стратегија.

Ова не смееме да го пропуштиме, или да оставиме да се случува по инерција, само по себе. Скопје одамна не добило поголема развојна можност од онаа што ни ја овозможува титулата Европска престолнина на културата 2028. Овој избор не е само признание за нашиот културен идентитет, тоа е потенцијал на кој многу европски градови градат нов туристички бран, нова урбана енергија и нова економска динамика. За Македонија, Скопје за Европска престолнина на културата 2028 може да биде токму тоа: туристички пресврт од кој ќе профитираме со години.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано