Бизнис
Infinum ја презема британската компанија AMR CyberSecurity
01.12.2025г
Европската дигитална агенција Infinum ги зајакнува своите капацитети за сајбер-безбедност и го продлабочува своето присуство во Обединетото Кралство и Западна Европа
Водечката технолошка консултантска компанија, Infinum, ја купи AMR CyberSecurity, британска компанија специјализирана за сеопфатно пенетрационо тестирање и други консултантски услуги од областа на сајбер-безбедноста. Ова е четврта аквизиција на Infinum, а втора годинава, по купувањето на холандската агенција за иновации во брендирањето, Your Majesty, на почетокот на 2025.
Со обемна експертиза за пенетрационо тестирање, консалтинг за сајбер-безбедност и безбедносни обуки, како и со поседување на клучни акредитации во индустријата, AMR CyberSecurity додава значајни капацитети во растечката глобална понуда на Infinum. Нивното портфолио на клиенти ги опфаќа телекомуникациите, финансиите, воздухопловството, одбраната и националната безбедност, и вклучува клиенти како Zoom, Anglian Water, English Heritage и Premier Lotteries Ireland, меѓу другите. Двете компании споделуваат слични вредности, високи стандарди и посветеност кон создавање безбедни и доверливи дигитални решенија.
„AMR CyberSecurity носи специјализирано знаење во една од најкритичните области на денешниот дигитален пејзаж“, вели Никола Капраљевиќ, главен извршен директор на Infinum. „Спојувањето на нивната длабока експертиза со постојниот тим за сајбер-безбедност, технолошката сила и инженерската извонредност на Infinum, создава моќна основа за обезбедување на услуги за сајбер-безбедност во рамките на нашата компанија. Ова е во согласност и со стратегијата на Infinum за зголемување на своето присуство во Обединетото Кралство и Западна Европа, а во иднина очекуваме дека услугите за сајбер-безбедност ќе сочинуваат околу 10% од глобалниот приход на Infinum.“
Помагање на клиентите да останат безбедни во динамичниот свет на закани
Како што се зголемуваат сајбер-заканите, паралелно со сѐ построгата регулатива, како новововеденото законодавство во Обединетото Кралство за зајакнување на националната сајбер-отпорност, зголемените капацитети на Infinum го подобруваат нивото на поддршка, заштита и експертиза што клиентите го добиваат. Ова вклучува пристап до поширока палета на услуги за сајбер-безбедност и капацитет за побрзи реакции, обезбедени од унифициран, глобално координиран тим од 30 експерти.
„Како што дигиталните производи стануваат сè покомплексни, а сајбер-заканите сè пософистицирани, организациите сѐ повеќе имаат потреба од партнери кои можат да понудат врвно инженерство, но и високо ниво на безбедност. Придружувањето кон Infinum му дава на нашиот тим можност да ја понуди својата експертиза на поширок спектар индустрии и меѓународни клиенти, паралелно продолжувајќи да ја одржуваме и унапредуваме нашата постојна база на клиенти во Обединетото Кралство,“ вели Мартин Волшам, директор на AMR CyberSecurity и член на извршниот одбор на CREST, призната меѓународна непрофитна асоцијација која го претставува глобалниот сектор за сајбер-безбедност.
Растечко глобално присуство
Покрај тоа, аквизицијата создава и нови значајни можности за вработените во двете компании. Тимот на AMR добива пристап до глобална мрежа на колеги, поголеми и поразновидни проекти и целосна поддршка од инженерската, дизајнерската и бизнис-инфраструктура на Infinum, овозможувајќи им да ги развиваат своите вештини и кариери на меѓународна сцена.
Истовремено, бенефитот за талентите на Infinum е директна соработка со акредитирани професионалци за сајбер-безбедност, отворајќи можности за учење, развој на интердисциплинарни вештини и практично искуство со напредна работа во областа на сајбер-безбедностa. “Како што расте побарувачката за експертиза во сајбер-безбедноста ширум светот, ова партнерство обезбедува дека нашите вработени се на првата линија на еден од најважните домени во технолошката индустрија“, додава Волшам.
“Задоволство ми е да посакам добредојде на колегите од AMR CyberSecurity во тимот на Infinum”, вели Мирјана Цветковска, генерален директор на Infinum во Македонија и воедно, одговорна за спроведување на интеграцијата на HR процесите и луѓето од двете компании. “Во сервисно ориентирана компанија како Infinum, експертизата т.е. луѓето се клучниот фактор за успех. Имајќи го тоа во предвид, ефикасната HR интеграција е клучна за успехот на целокупната аквизиција, и е основа за одржување на континуитетот на сите останати бизнис процеси, бидејќи овозможува нашите тимови да соработуваат ефикасно, да ја усогласат културата, вредностите, очекувањата и заедно да напредуваат. Со комбинирањето на експертизата и споделените вредности, градиме посилно и колаборативно опкружување кое со сигурност ќе донесе придобивки и за нашите вработени и за нашите клиенти низ Европа и пошироко“, додава Цветковска.
Во моментов, Infinum работи преку осум канцеларии низ Европа, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави, каде повеќе од 400 експерти дизајнираат и развиваат иновативни дигитални продукти за клиенти ширум светот. Компанијата има добиено бројни меѓународни награди, вклучувајќи ги Red Dot Design Award и iF Design Award.
Infinum Македонија е присутна на пазарот од 2021 година со канцеларија во Скопје и тим од 30-тина вработени и надворешни соработници. Покрај тоа што Infinum е осумкратен добитник на наградата Најдобар работодавач, оваа година се закити со истото признание и во Македонија.