Финансии / Банкарство

МЕГА ИНТЕРВЈУ | Тони Стојановски: Стратегијата 2030 е одраз на нашата визија и силна амбиција

Мега интервју со Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје

Во ексклузивно интервју разговараме со Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, институција која годинава одбележува 40 години од своето работење. Основана во 1985 година, НЛБ Банка еволуираше од скромна финансиска организација во една од водечките банки во земјава, препознаена по својата иновативност, силни односи со клиентите и значаен придонес во економскиот развој на земјава. Осврнувајќи се на досегашните достигнувања, Стојановски говори за еволуцијата на Банката, за нејзината интегрална улога во банкарскиот сектор, но и за нејзината визија за иднината во рамките на динамичната НЛБ Групација.



Претседател сте на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, а годинава прославувате 40 години постоење. Kако ја оценувате развојната патека на Банката и нејзината улога во развојот на банкарскиот сектор во земјава?

Т. Стојановски: Годинава НЛБ Банка Скопје одбележува 40 години постоење. Во изминативе четири децении, Банката доживеа извонреден напредок. Она што во далечната 1985 година започна како мала финансиска организација, благодарение на претприемачкиот дух, на почитта и на посветеноста кон клиентите и придонесот кон заедницата прерасна во системски значајна банка и еден од столбовите на македонскиот финансиски систем. Денес, со актива од 2,3 милијарди евра и кредитно портфолио од 1,5 милијарди евра, НЛБ Банка Скопје е една од трите водечки банки во македонскиот банкарски сектор, која поставува стандарди во дигиталното банкарство, во корпоративното управување и во одржливото финансирање. Сето ова нè прави особено горди, но уште повеќе нè радува довербата која ни ја даваат клиентите.
Покажавме лидерство со воведување современи дигитални услуги, како и со имплементирање на системски пристап за поддршка на малите и на средните претпријатија. Дополнително, преку финансирање на многубројни инфраструктурни и корпоративни проекти, како и преку активна соработка со граѓаните и со заедницата, НЛБ Банка Скопје стана значаен фактор на економски развој и институција со силен придонес во благосостојбата на граѓаните и на македонската економија.
Банката и секој нејзин вработен се горди на минатото и задоволни од достигнувањата што го обликуваа угледот на организацијата, гледајќи ги како доказ за нивната посветеност и напорна работа. Но, истовремено, остануваат силно фокусирани на иднината, подготвени за унапредување на услугите, прифаќање на новите технологии и прилагодување на еволуирачките потреби на клиентите.

Банката што ја раководите припаѓа на НЛБ Групацијата, моќна банкарска групација фокусирана на поширокиот дел од нашиов регион. Што се случува на ниво на Групацијата, што покажуваат резултатите?

Т. Стојановски: Да се биде дел од НЛБ Групацијата значи да се биде дел од успешната приказна на најголемата банкарска и финансиска групација со седиште и со ексклузивен интерес во нашиов регион. НЛБ е групација со јасна визија и со перспективи за иднината, која во вистинска смисла на зборот ги разбира навиките и потребите на нејзините 3 милиони активни клиенти, како и потребите на нашите општества.
Со својата широка палета на финансиски производи и услуги, Групацијата е присутна на седум пазари во регионот на Југоисточна Европа. Таа го зборува нашиот јазик, ги разбира нашата историја и култура и е искрено посветена на развојот и на интеграцијата на нашиот матичен регион. И оваа посветеност не е само стратешка, туку длабока и долгорочна.
Јасен пример за ова беше воведувањето на Епл пеј (Apple Pay) за клиентите низ Југоисточна Европа, овозможено благодарение на проактивните напори на НЛБ Групацијата и на регионалното лидерство. На почетокот на октомври, НЛБ Банка Скопјe се приклучи кон СЕПА на најраниот можен датум со што уште еднаш се потврди посветеноста на Групацијата на регионалната интеграција и на модернизацијата.
Тоа што сме дел од една ваква финансиска групација ни овозможува да имаме уникатна и висококонкурентна позиција на нашиот пазар, стабилност, знаење, иновации и, пред сè, јасна визија за иднината.
Што се однесува, пак, до резултатите, НЛБ Групацијата е исклучително успешна. По завршениот процес на реструктурирање кон крајот на претходната декада, таа континуирано бележи силен раст и развој, достигнувајќи вкупна актива на консолидирана основа од 30 милијарди еврa и нето-добивка од 406 милиони евра за првите 9 месеци од 2025 година.

Неодамна на ниво на Групацијата беше донесена и нова стратегија за развој во наредниов период. Што носи новата стратегија?

Т. Стојановски: Минатата година НЛБ Групацијата ја донесе и ја претстави Стратегијата 2030 која е одраз на силна амбиција, на посветеност и на јасна визија за иднината. Стратегијата предвидува раст на билансниот потенцијал, на вкупните приходи и на нето--добивката на ниво на Групација, кои, до 2030 година, треба да достигнат најмалку 50, 2 и 1 милијарди евра соодветно.
Воедно Стратегијата јасно го покажува патот на Групацијата во наредниов период како лидер на пазарите на Југоисточна Европа со примена на најдобрите меѓународни практики во однос на понудата за клиентите, како и преод кон т.н. „прво дигитално“ (digital first) оперативен модел. Практично Банката е во процес на трансформација кон тоа да стане целосно дигитална институција која обезбедува супериорно корисничко искуство на задоволство на сите свои клиенти.
За НЛБ Банка Скопје, но и за македонскиот финансиски пазар ова носи многу иновативни, лесно достапни и безбедни финансиски решенија за граѓаните и за компаниите, базирани на најновите дигитални технологии во банкарството и на најдобрите меѓународни практики.
Со трансформацијата и со исполнување на целите од Стратегијата, го јакнеме капацитетот за справување со предизвиците на модерната ера и ги подобруваме нашите оперативни резултати. Севкупно овие напори ги поддржуваат одржливиот раст и развој на Банката, зајакнувајќи ја нејзината улога како столб на стабилност, катализатор на иновации и напредок на финансискиот сектор и на македонската економија.
Фокусирани сме на иднината повеќе од кога било, а покрај инвестициите кои ги преземаме во дигиталната трансформација, вложуваме во одржливост и во човечки капитал, што ќе ни овозможи да ја задржиме лидерската позиција и во следниве години.

Со процесот на дигитализација, технологијата веќе игра значајна улога во банкарскиот бизнис. Со неверојатна брзина се воведуваат иновации. Како се одразува сето ова на конкуренцијата на пазарот?

Т. Стојановски: Токму така, иновациите, дигитализацијата и новите технологии влегуваат во светот на банкарството и на финансиските услуги со огромна брзина. Тоа ги менува околината во која работиме и конкурентските услови на пазарот. НЛБ Банка Скопје научи брзо да се адаптира, да ги прифати промените и да одговори на предизвиците со крајна цел − обезбедување врвно корисничко искуство на своите клиенти.
Дигитализацијата, како што споменав, е дел од нашата групациска стратегија, што се рефлектира и во услугите кои ги нудиме за нашите клиенти. Годинава, кога НЛБ Банка Скопје прославува голем јубилеј, 40 години од своето основање, корисниците на нашата сега веќе надградена Ем клик (mKlik) мобилна апликација добиваат можност по дигитален пат да добијат цела палета на производи − потрошувачки кредит, платежна картичка со можност за нејзина дигитализација и дозволено пречекорување на тековна сметка.
НЛБ Банка е и првата банка на македонскиот пазар која кон крајот на јули воведе Епл пеј (Apple Pay) на огромно задоволство на илјадници наши клиенти. Со тоа се надополни палетата на можности за брзо и за лесно плаќање, покрај веќе достапните Гугл пеј (Google Pay) и Гармин пеј (Garmin Pay). На нашите клиенти им овозможивме и да ги ажурираат личните податоци онлајн, без потреба од посета на експозитурa − целосно безбедно и со обезбедена максимална заштита на личните и на банкарските податоци. Неодамна ја презентиравме и новата, подобрена веб-страница на Банката, која е многу повеќе од визуелно освежување. Таа е уште еден исчекор во дигиталната трансформација, унапредена алатка за модернизација на начинот со кој клиентите ги пребаруваат и ги користат услугите на Банката.
Сметам дека токму отвореноста за нови знаења, за иновации, за нови технологии, но и способноста тие да се имплементираат во работните процеси е она што може да ѝ даде предност на една банка во однос на конкуренцијата. Најважно е да се разбере дека иновацијата никогаш нема да престане да биде во тренд така што и сега и за една деценија отсега најдобро позиционирани ќе бидат оние кои ќе научат како да ја применат во корист на поедноставување на работните процеси и обезбедување подобра услуга за своите корисници.

Со влезот во СЕПА, граѓаните и компаниите добија можност за ултра брзо извршување на платежните трансакции. НЛБ Банка веднаш се приклучи на системот, ги намаливте и провизиите за плаќањата.

Т. Стојановски: Влезот во СЕПА е многу значаен чекор на патот на економската интеграција на нашава земја во ЕУ, со голем бенефит за македонските граѓани и за компаниите.
НЛБ Банка Скопје и во овој дел е лидер на македонскиот пазар. Благодарение на навремените и обемни инвестиции во технолошката инфраструктура и усогласувањето со европските стандарди, со поддршка од нашата Групација, бевме прва банка која успешно ги заврши сите подготовки и процедури за прием во СЕПА. Со тоа овозможивме брзи, лесни и сигурни плаќања во евра на големо задоволство на нашите клиенти, физички лица и компании. Паралелно направивме и намалување на надоместоците со цел да се поттикнат овие плаќања, а особено приливите на евра во земјава и користењето на дигиталните канали за извршување на платежните трансакции, што е исклучително значајно за унапредување на дигиталната трансформација, подобрување на корисничкото искуство и зголемување на дигиталната зрелост во банкарството, но и намалување на еколошкиот отпечаток.

Сепак, колку и да е важна технологијата, банкарскиот бизнис се потпира на квалитетот на човечкиот фактор. Во НЛБ Банка Скопје во тек е процес на целосна кадровска трансформација, практично до крајот на годинава целиот УО ќе го сочинуваат нови членови, што започна со вашето доаѓање на челната позиција. Можеме ли да го гледаме ова како индикатор за сериозната амбициозност на Банката за годините што доаѓаат?

Т. Стојановски: Во секоја институција, а особено во банка како нашава со 40-годишна традиција, доаѓа време кога се потребни надградба и освежување, нова енергија, нови идеи и перспективи.
Трансформацијата е природен континуитет на нашиот развоен процес и дел од амбицијата да го надградиме тимот кој ќе ја води Банката во следната декада. Со тоа градиме капацитет за одговор на иднитe предизвици поврзани со дигитализацијата, со одржливоста и со промените кои ги очекуваат клиентите.
Луѓето се највредниот капитал на нашата Банка и ние посветуваме внимание на нивната добросостојба, овозможувајќи им баланс меѓу работните обврски и приватниот живот бидејќи само така ќе бидат повеќе ангажирани, попродуктивни и мотивирани да напредуваат и лично и професионално. Иако технологијата и иновациите се од суштинско значење за нашиот напредок, ние знаеме дека токму нашите луѓе се тие што ги движат овие достигнувања и ги претвораат стратегиите во реалност.
Продолжуваме да инвестираме во нашите луѓе, оспособувајќи ги со вештини потребни за да одговорат на идните предизвици. Истовремено се стремиме да создадеме инклузивно и динамично работно место кое не само што го поддржува напредувањето во кариерата туку нуди и конкурентни бенефиции и култура што ги прави вработените горди што се дел од тимот на Банката.

Како гледате на случувањата во македонската економија? Што можеме да очекуваме?

Т. Стојановски: Од крајот на минатата година, економскиот раст на земјава се позиционираше на ниво од нешто над 3 % што, во споредба со многу европски економии, е повисоко, но за нас сè уште недоволно со оглед на големиот јаз кој треба да го совладаме за да се приближиме до европскиот просек. Како мала и отворена економија изложени сме на бројни предизвици кои се последица на бранувањата на глобално ниво. Затоа потребно е да си ја завршиме домашната задача и да креираме услови за поголема отпорност и за повисок економски раст.
Сивата економија, високото ниво на корупција, слабите институции и ниската продуктивност се внатрешни проблеми кои ги кочат растот и развојот. Колку побрзо се справиме со нив и сфатиме дека треба уште многу да учиме, да воведуваме иновации и да ја зголемуваме ефикасноста во работата, толку подобри услови ќе креираме за просперитет. За жал, вештачки ја креваме потрошувачката, ја стимулираме инфлацијата, а тоа не носи раст. Дополнително и одливот на работната сила и недостатокот на структурни реформи го ограничуваат потенцијалниот раст.
По природа сум оптимист и верувам дека со инвестирање во човечки капитал и во нови технологии, со домаќинско користење на сите домашни ресурси, како и со забрзување на интегративните процеси на сите полиња, можеме да очекуваме напредок − да имаме поголем извоз, повисок БДП, посилни институции и, најважно, да ги задржиме младите луѓе во земјава.

Кои беа клучните проекти на Банката годинава и какви се резултатите од работењето? Што да очекуваме за нареднава година?

Т. Стојановски: Како што кажав и претходно, во тек е имплементацијата на групациската Стратегија 2030. Таа носи многу проекти и активности кои ја обликуваат Банката согласно новите околности на пазарот и потребите на нашите клиенти.
Веќе споменав некои од проектите на кои бевме фокусирани годинава во делот на дигитализацијата и на иновациите − Епл пеј (Apple Pay), СЕПА, надградбата на Ем клик (mKlik) апликацијата со нови функционалности. До крајот на годинава, Ем клик (mKlik) ќе се прошири и со можноста за отворање депозит и отворање сметка на новодојден клиент по дигитален пат, како и можност за дигитализација на платежната картичка веднаш по нејзиното одобрување, без потреба од посета на експозитура и подигнување на картичката во пластична форма.
Во моментов течат и бројни проекти во делот на усовршување на процесите во Банката кои треба да обезбедат уште полесен и побрз пристап на клиентите до целата палета на наши производи и услуги, како и подобрувања и модернизација на мрежата на експозитури и на Контакт-центарот на Банката.
Што се однесува до резултатите, НЛБ Банка успешно ги заокружи деветте месеци од годинава, со остварена нето-добивка од 41 милион евра и значителен раст на вкупната актива, на кредитното портфолио и на депозитите. Во однос на септември 2024 година, активата на Банката е поголема за 346 милиони евра или 18 %, со раст на кредитите и на депозитите од 21 %, односно 16 %. Кредитите кај компаниите се зголемија за 32 %, додека кај населението растот изнесува 15 %.
Позитивните деловни резултати се должат на континуираните продажни активности на кредитните производи, на зголемениот број на корисници на платните сервиси, како и на внимателното управување со ризиците, на оперативната ефикасност и на континуираната посветеност на унапредување на клиентското искуство.
Не изостанаа и вложувањата во заедницата каде што инвестиравме во бројни општествено одговорни проекти насочени спрема спортот, културата, образованието и помош за ранливите категории на граѓани.

Како ќе го прослави Банката својот 40-годишен јубилеј?

Т. Стојановски: Цела 2025 година е во знакот на јубилејот на НЛБ Банка. Летово започнавме голема кампања под слоганот „Што ако можеш сè?“, порака која силно допира до секој еден кој знае да сонува, но и да се охрабри и да влезе во светот на бескрајни можности.
Слоганот кој ја нагласува амбицијата како моќна мотивациска сила беспрекорно се вклопува во визијата на НЛБ Банка за раст. Амбицијата ги поттикнува поединците и организациите да поставуваат повисоки цели, да иновираат и да се стремат кон совршенство. Со усвојувањето на овој слоган, НЛБ Банка ја сигнализира својата посветеност не само на сопствениот напредок туку и на јакнењето на своите клиенти да го остварат својот целосен потенцијал.
Годинава ќе ја затвориме со голема економска конференција со значајни теми од областа на банкарството, на која ќе присуствуваат респектабилни говорници − настан кој ќе ја обедини економската, академската, институционалната и деловната јавност со цел сите заедно да испратиме една амбициозна порака за структурен и за долгорочен развој.

Во текот на целата ваша професионална кариера вие сте дел од банкарската фела како во централната банка така и во приватните банки во земјава. Кој е вашиот совет за помладите кои би сакале да станат добри банкари?

Т. Стојановски: На младите идни банкари би им порачал никогаш да не престанат да учат. Да бидат упорни и да не се откажуваат лесно. Да сакаат повеќе од животот и од себе, да ги следат банкарските и економските трендови и напорно да работат.
Лично верувам дека секоја инвестиција во образование, секој вложен труд, по извесно време се исплати, а со тоа доаѓаат и придобивките. Банкарството е одлична професија, аналитична, иновативна, а пред сè стабилна и просперитетна.

Најпрестижната награда за успешно банкарско работење, Наградата за најдобра банка на годината што ја доделува магазинот The Banker сè уште не е доделена во земјава за оваа година. Дали мислите дека НЛБ Банка Скопје би можела да ја добие наградата годинава?

Т. Стојановски: Не би ме изненадило доколку биде така.


Разговараше: Ќирко Бошкоски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано