Интервјуа
ИНТЕРВЈУ | Снежана Зивчевска-Сталперс: Технологијата е моќна но вистинските вредности лежат во човечноста
Разговор со Снежана Зивчевска-Сталперс Од Скопје преку Амстердам до Атланта, Македонката што ја освојува светската технолошка сцена
Економија и бизнис | печатено издание | 15 ноември 2025г.
Госпоѓо Зивчевска-Сталперс, вашата животна и професионална приказна е приказна за упорност, за визија и за верба во можностите. Таа започнува во Скопје, со дипломирањето на Електротехничкиот факултет. Како дојде до тоа да заминете во Холандија?
С. Зивчевска-Сталперс: Јас сум од онаа генерација која беше сведок на распаѓањето на поранешната држава Југославија. И, да бидам искрена, тој распад за мене значеше и распад на сите мои амбиции и соништа што беа поврзани со таа држава. И јас и мојата сестра бевме меѓу најталентираните кошаркарки во земјата. Имавме понуди да ја продолжиме кошаркарската кариера во Белград и во Љубљана. Но, со распадот на државата се распаднаа и тие можности затоа што одеднаш ќе требаше да настапуваме како странци, а тоа тогаш беше речиси невозможно. Јас наполнив осумнаесет години токму во моментите кога Македонија ја прогласи својата независност во 1991 година. Тоа беше време на војни, на неизвесност и на сивило во регионот. Македонија беше зафатена од ембарго од јужниот сосед и без никакви економски или социјални можности за развој. По дипломирањето на Електротехничкиот факултет не можев да се замислам себеси да останам и да живеам во такви услови. Тоа беше период кога започнуваа првите чекори на е-трговијата и на дигиталната револуција, а Холандија во тој момент минуваше низ голема ИТ-трансформација, а немaa доволно високообразувани и квалификувани кадри. Тоа беше шансата што јас не ја пропуштив и така започна моето холандско поглавје.
Во Холандија живеевте повеќе од 20 години. Работевте за компании како Ај-би-ем (IBM) и Ен-ти-ти дејта (NTT Data), но и за Советот за иновации на ЕУ, со ангажмани во областа на дигиталната трансформација, на иновациите и на примената на вештачката интелигенција во корпоративното работење. Кажете ни нешто повеќе за ова професионално искуство.
С. Зивчевска-Сталперс: Во Холандија живеев 23 години, и тоа беше период кога можеби го постигнав врвот на мојот професионален развој и личен раст. Работев за водечки глобални компании како Ај-би-ем и Ен-ти-ти дејта, каде што мојот фокус беше на дигиталната трансформација, на управување со промени, на иновации и на примена на вештачката интелигенција во корпоративното работење. Имав можност да бидам дел од интернационални тимови кои развиваа стратегии за модернизација на ИТ-системи, автоматизација на процеси и создавање на организациска култура заснована на податоци. Како советник и ментор во рамките на Советот за иновации на Европската Унија (EIC), соработував со стартапи и со скалирани компании од цела Европа, поддржувајќи ги во нивниот пат од идеја до пазар, особено во областа на одржливи технологии, на ЕСГ-решенија и на ВИ-иновации. Ова искуство ми овозможи да ја видам големата слика: како новите технологии можат да придонесат не само за профитабилност туку и за општествена и еколошка одговорност. Сите овие искуства ме обликуваа како лидер кој ги спојува технологијата и хуманоста, па затоа и мислам дека вистинската дигитална трансформација не започнува со технологијата, туку со луѓето, со вредностите и со храброста да се менува начинот на размислување.

Холандското општество го препозна вашиот ангажман. Добитник сте на повеќе престижни награди, како и основач на организација што се залага за еднакви можности, за менторство и за поддршка на жените во технолошкиот сектор.
С. Зивчевска-Сталперс: Тоа признание од холандското општество за мене има особено значење затоа што зад секоја награда стојат години работа, посветеност и верба дека промената е можна. Како жена во технолошкиот сектор, многу често сум била меѓу малкуте, или единствена, на маса каде што се носат важни одлуки. Токму затоа ја основав „Жени во технологијата – Холандија“ (Women in Tech Netherlands), организација што има цел да создаде повеќе еднакви можности, менторство и поддршка за жените во технологијата. Почнавме со неколку ентузијастки, а денес тоа е широка заедница на жени кои се активни во ИТ, во инженерството, во науката и во претприемништвото. За мојата работа и ангажман добитник сум на неколку престижни признанија, меѓу кои:
- Вдахновувачки педесет – Холандија (Inspiring Fifty Netherlands [2019]) – признание за една од 50 највлијателни жени во технологијата во Холандија,
- Награда за влијание (Impact Award [2016]) – за придонес во промовирање на родова рамноправност и женско лидерство во ИТ,
- Награда за храбар лидер на Делоит (Deloitte Bold Leader Award [2020]) – за визионерско лидерство и за инспиративен придонес во дигиталната трансформација и во иновациите,
- и Награда од извршниот директор на Ај-би-ем за извонредност во извршување (IBM CEO Award for Delivery Excellence), за исклучителни резултати во спроведување на комплексни дигитални проекти.
Верувам дека вистинското лидерство не се мери само со резултати туку и со влијанието што го имаме врз другите. Ако мојот пат инспирира млади жени да веруваат дека и тие можат да бидат дел од технолошката иднина, тогаш тоа е најголемото признание што можам да го добијам.
Од пред две години со семејството се преселивте во САД и по завршувањето на МБА-студиите со највисоки оценки работите како консултант. Каква е разликата меѓу професионалниот ангажман во истата професионална област во Холандија и во САД?
С. Зивчевска-Сталперс: Пред околу две години се преселивме во САД, каде што по завршувањето на моите MБA-студии на Универзитетот Стрејер во Атланта, кои ги завршив со највисоки оценки (просечна оценка 4,0 со највисоки почести), започнав да работам како консултант и бизнис-советник во областа на дигиталната трансформација и на иновациите. Разликите меѓу професионалната култура во Холандија и во САД се навистина интересни и поучни. Во Холандија, професионалниот живот е повеќе структуриран, фокусиран на рамнотежа, на тимска соработка и на консензус. Таму луѓето внимателно планираат, анализираат и сакаат да бидат сигурни дека секој чекор е добро промислен. Тоа создава стабилност и долгорочна предвидливост. Во САД, пак, темпото е значително побрзо, пристапот е поамбициозен и повеќе ориентиран кон резултати, иновации и раст. Овде се вреднуваат иницијативата, лидерството и способноста да се преземе ризик. Американската деловна култура е исполнета со енергија и верба дека сè е возможно ако се движиш брзо и мислиш големо. За мене тоа претставува совршена комбинација: европската прецизност и холандската стратегиска длабочина заедно со американската динамика и претприемачки дух. Таа синергија ми овозможува да бидам „мост“ меѓу два света и да им помагам на европските стартапи да влезат на американскиот пазар, а на американските компании да научат како да градат одржливи, долгорочни вредности.

Светот поминува низ невидена технолошка трансформација придружена со голема неизвесност за тоа што носи вештачката интелигенција. Како ги објаснувате вие тековните технолошки промени? Како ќе изгледа светот на бизнисот по 5 години?
С. Зивчевска-Сталперс: Живееме во време на најголемата технолошка трансформација во модерната историја. Она што го гледаме денес со вештачката интелигенција не е само нова технологија, туку тоа е нова индустриска револуција. Разликата е што претходните револуции го менуваа начинот на кој работиме, а оваа ја менува суштината на тоа што значи да се работи, да се создава и да се одлучува. Мојата перспектива е дека вештачката интелигенција нема да ги замени луѓето, но луѓето кои знаат како да ја користат вештачката интелигенција ќе ги заменат оние кои не ја користат. Денес гледаме компании кои преминуваат од модели на одлучување базирани на податоци кон модели на одлучување водени од вештачка интелигенција. Алгоритмите веќе не се алатки, туку партнери во процесот на иновација.
Во следниве пет години, светот на бизнисот ќе се промени драматично. Компаниите ќе станат хибридни каде што човекот и машината ќе соработуваат, а нема да се натпреваруваат. Ќе се појават нови професии поврзани со етика, со објаснива вештачка интелигенција (XAI), со податочна одговорност и со одржливост. Лидерството ќе се мери не само по финансиските резултати туку и по начинот на кој организациите користат технологија за општествено добро. Верувам дека иднината ќе ѝ припаѓа на онаа генерација лидери и компании кои ќе разберат дека технологијата е моќна, но вистинските вредности лежат во човечноста. Вештачката интелигенција ќе ни ги автоматизира процесите, но емпатијата, визијата и етичкото лидерство ќе останат исклучиво човечки предности.
Македонија презема активности за дигитална трансформација на општеството, постои министерство токму за таа намена. Што мислите дека треба да се направи на тој план?
С. Зивчевска-Сталперс: Мислам дека е многу позитивно што Македонија конечно ја препозна дигиталната трансформација како национален приоритет затоа што тоа не е само технолошки, туку економски и општествен процес. Но, за таа трансформација навистина да успее мора да има стратегија, визија и лидерство, а не само проекти и технологии. Би издвоила три клучни насоки:
1. Дигитализација во служба на граѓаните: дигиталната трансформација не треба да се гледа само како автоматизација на услуги, туку како можност да се подобри квалитетот на животот на граѓаните. Тоа значи едноставни, достапни и транспарентни јавни услуги дизајнирани според реалните потреби на луѓето, а не според бирократските процеси.
2. Инвестиции во дигитални вештини и во таленти: најголемиот предизвик не е технологијата, туку луѓето кои ја користат. Македонија треба да инвестира во образование, во преквалификација и во програми што ќе создадат генерација способна да работи со вештачка интелигенција, со анализа на податоци и со дигитални решенија. Без тоа ниедна стратегија нема да биде одржлива.
3. Поврзување на јавниот и на приватниот сектор: државата треба да биде партнер, а не само регулатор. Потребна е соработка со стартапи, со ИТ-компании и со универзитетите за да се создаде еден екосистем на иновации, каде што новите идеи можат да растат и да стануваат реални решенија.
Македонија има талентирани луѓе, силна дијаспора и многу добри примери на поединци и на компании што веќе работат глобално. Ако успееме да ја поврземе таа енергија со јасна државна визија, можеме да направиме вистински дигитален скок напред.

Ви благодариме за интервјуто. Веруваме дека вашата сторија ќе биде вистинска инспирација за многу бизнис-луѓе во Македонија да не се откажуваат од своите соништа без разлика каде се наоѓаат.
С. Зивчевска-Сталперс: Ви благодарам и јас за можноста. Навистина ми е чест што можев да ја споделам мојата приказна со македонската публика. Ако таа инспирира барем една личност да верува во себе и да направи чекор напред, тогаш тоа има вистинско значење. Без разлика каде живееме, корените, вредностите и соништата што нè движат секогаш остануваат исти. Верувам дека секој успех започнува со храброст да се тргне од сопствената комфорна зона и со верба дека можностите не познаваат граници.
Разговараше: Зоран Јовановски
фотографии: приватна архива на соговорникот