Општество
Финансиската писменост е темел за стабилност и самостојност
04.12.2025г
Во Културно информативниот центар – Скопје, се одржа централниот настан за одбележување на Деновите на финансиска писменост, на кој присуствуваа претставници од сите засегнати страни кои континуирано го поддржуваат и работат за развојот на финансиската култура кај младите.
На настанот се обрати претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Ремзи Бајрами, кој нагласи дека финансиската писменост е темел за стабилност и самостојност и претставува клучно знаење што секој млад човек треба да го стекне на време.
„Финансиската писменост е многу повеќе од познавање на штедењето или инвестирањето. Таа е основа за лична сигурност и самостојност. Во МАПАС силно веруваме дека навременото запознавање на младите со концептите на паметно управување со личните финансии е најдоброто вложување – вложување што создава долгорочни резултати и за поединецот и за општеството,“ истакна Бајрами.
Тој додаде дека годинава финансиската едукација била збогатена со креативен пристап.
„Младите не само што стекнаа нови знаења, туку успеаа да ги претворат во уметнички и музички израз. Ова е доказ дека финансиската култура може да биде современа, инспиративна и блиска до младите, доколку ние ја презентираме на вистински начин,“ нагласи претседателот Бајрами.
Својата поддршка и визија ја пренесе и директорката на Бирото за развој на образованието, Милка Тримчевска, која нагласи дека развивањето на финансиските компетенции од најрана возраст е неопходен дел од современото образование.
„Финансиската писменост не е вештина резервирана само за возрасните. Доколку учениците навреме се запознаат со управувањето со личните финансии и со механизмите на пензискиот систем, тие ќе имаат поголема контрола и сигурност во иднината,“ истакна Тримчевска.
Таа додаде дека Бирото ќе продолжи континуирано да работи на интегрирање на финансиската писменост во наставните програми, на обуките за наставници и на развој на современи материјали.
„Нашата цел е секое дете да ја напушти училницата со знаење што ќе му служи цел живот – знаење што создава навики, дисциплина и одговорност,“ додаде таа.
Овој настан, кој ја одбележува националната кампања за финансиска писменост, ја потенцира важноста од вложување во знаење што им овозможува на младите да донесуваат информирани и одговорни одлуки.
Токму со таа цел, МАПАС воспостави соработка со две средни уметнички училишта – ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ – Скопје и ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје.
Како резултат на едукативните сесии со учениците и професорите, шест ученици од ликовното училиште изработија уметнички дела инспирирани од темите на финансиската писменост, додека пет ученици од музичкото училиште создадоа оригинална музичка композиција, химна посветена на финансиската култура.
Творбите и композицијата беа претставени и изведени на самиот настан, симболизирајќи го спојот меѓу знаењето, креативноста и современиот пристап во едукацијата на младите.
Присутните учесници имаа можност да ги видат и слушнат резултатите од креативниот труд на учениците, а истовремено и да се информираат за заложбите на институциите во насока на градење финансиски свесни и одговорни генерации.
Настанот уште еднаш потврди дека вложувањето во финансиска писменост е инвестиција што создава лична и општествена вредност, а младите ја носат таа иднина во свои раце.
Со ова, беше означено успешно одбележувањето на Деновите на финансиска писменост, со порака дека знаењето, партнерството и креативноста се клучните двигатели на подобра и посигурна иднина.
Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС