Финансии / Банкарство
Сопственоста на златните резерви останува политичко прашање во Италија
04.12.2025
Европската централна банка (ЕЦБ) ја повика италијанската влада повторно да го разгледа амандманот поднесен до парламентот, во кој се тврди дека резервите на злато на Националната банка на Италија му припаѓаат на „италијанскиот народ“. Италија поседува најголеми национални резерви на злато во светот, зад САД и Германија. Нејзините 2.452 тони, во вредност од околу 300 милијарди долари, претставуваат приближно 13 проценти од БДП на Италија.
„Италијанската влада е поканета да го разгледа предложениот текст, со цел да се зачува независноста на работата на централната банка“, соопшти ЕЦБ.
Забелешките на ЕЦБ би можеле да ја поттикнат владејачката коалиција да го отфрли амандманот со кој се инсистира на „јавна сопственост“ на златото, кој беше приложен кон нацрт-буџетот за следната година.
Прашањето за сопственоста на златото е политичко прашање во Италија со години. Одредени политичари од различни партии ја разгледуваа можноста за продажба на дел од резервите со цел да се намали јавниот долг, да се намалат даноците или да се финансира јавната потрошувачка. Сите такви предлози редовно беа спротивставувани од институциите на Европската Унија.
„При извршување на задачите за чување и управување со златните резерви, ниту ЕЦБ ниту националните централни банки, вклучително и Банката на Италија, ниту членовите на нивните управни тела, не смеат да бараат или да добиваат инструкции од владата на која било земја-членка“, истакнува ЕЦБ.
Исто така, се предупредува дека преносот на злато или девизни резерви од билансот на состојба на централната банка би претставувал заобиколување на забраната за финансирање на јавниот сектор од страна на монетарните институции.
Италијанската централна банка на својата веб-страница наведува дека златото може да се користи како колатерал за кредити или, како последно средство, да се продаде за да се искористат добиените средства за купување на домашната валута за нејзино зајакнување.
ЕЦБ заклучи дека Рим ќе мора да се консултира со Банката на Италија доколку има намера да продолжи со законодавни иницијативи во врска со сопственоста на златните резерви, пренесува Сеебиз.
Фото Економија и бизнис