Lifestyle
Градоначалникот на Трикала: Преку божиќниот парк се зближуваме со нашите соседи, разговараме, градиме односи и одржуваме контакти
13.12.2025г
- Во божиќниот парк во последните три години има постојан прилив на посетители од балканските земји, а се издвојуваат Албанија, Северна Македонија и Бугарија. Се зближуваме повеќе со нашите соседи, повеќе разговараме, градиме односи и одржуваме контакти. И ова, може да донесе само позитивни резултати за сите нас, вели во интервју за МИА градоначалникот на грчкиот град Трикала, Никос Сакас, посочувајќи дека популарната „Мелница на џуџињата на Дедо Мраз“ во последните години ја посетуваат околу 1,2 милиони посетители.
Градот во изминатите години за време на празниците важи за „божиќна престолнина“, но е и првиот „паметен“ град во Грција, со иновативни решенија и за граѓаните и за посетителите, а градоначалникот во разговор со дописничката на МИА од Атина посочува дека нивната тајна за успехот е и тоа што акцентот го ставаат на гостопримството, а не само на посетата.
За божиќниот парк, што овој пат тематски е посветен на Петар Пан, открива дека е проширен во споредба со лани, додадени се нови објекти, но и нуди и безбедност, а не само забава за посетителите.
Со градоначалникот поразговаравме и за тоа што значи „паметен“ град, за новите решенија што ги воведуваат, но и потврдува дека со право Трикала се нарекува и „градот на велосипедите“ со оглед на тоа што постојат велосипедски патеки од 20 километри. Како што нагласува, во градот има најмалку 45.000 велосипеди за околу 72.000 жители, но постојат и бесплатните велосипеди „за секој да може да ја запознае Трикала“.
Детално говори за сите иницијативи и иновации, нагласувајќи дека за да стигнат до нивото на кое што се сега, во изминатите 20 години вовеле низа пилот-програми и со помош на ЕУ тестирале решенија за да видат „што му одговара на граѓанинот, а што не“.
- Ги идентификувавме потребите и размисливме што може да им биде потребно на граѓаните и посетителите во иднина. И се движевме користејќи ги во многу голема мера европските средства, посочи Сакас.
Паралелно, во интервјуто за МИА посочува и три причини зошто некој би требало да ја посети Трикала.
Божиќниот парк „Мелницата на џуџињата на Дедо Мраз“ веќе и официјално е отворен, што можат да очекуваат посетителите годинава?
-Големата божиќна манифестација е стабилна дестинација веќе 14 години. Оваа година, од 21 ноември до 6 јануари 2026, Петер Пан се среќава со Дедо Мраз. Ѕвончица, Венди, Капетан Кука и Изгубените момчиња од Недојдија се среќаваат со џуџињата, во една празнична прослава на љубовта, со уште повеќе насмевки за сите. Организацискиот комитет на Мелницата и АД „e-trikala“ создадоа многу нови конструкции. Го проширивме местото каде што се одржува, го зголемивме времетраењето на 47 дена и повторно соработувавме со локалната заедница. Бидејќи важно е да чекориме заедно во оваа прослава во божиќната престолнина, токму во центарот на Грција.
Станува збор за најголемото и најпознатото божиќно село во Грција, можеби и на Балканот, а самиот град претставува една од главните празнични дестинации. Од каде пристигнуваат посетителите? Колку ги има секоја година? И колку ова е важно за градот?
- Постепено го создадовме она што се нарекува „добра репутација“, бидејќи акцентот го ставаме на гостопримството, не само на посетата. На пример, се грижиме малите деца да добијат налепници со своите имиња и телефонските броеви на родителите. Го зајакнавме медицинскиот пункт со втор дефибрилатор, мобилен (освен фиксниот), имаме медицински сестри низ Мелницата, постои простор за доење, простор за бебиња. Одржавме семинари и обуки за ЦПР, прва помош и гаснење пожар.
Но, во главно, нудиме божиќна радоста и восхит, во градот што се стреми да биде модел на одржлива трансформација. Така, во последните години бројката се стабилизира на околу 1.200.000 посети, буквално од целата земја, од север до југ. Колку и да ви изгледа чудно, многумина доаѓаат и од островите, бидејќи нашиот регион нуди и други можности за посета, со извонредниот планински масив и Метеора.
Во последните три години има постојан прилив на посетители од балканските земји. Се издвојуваат Албанија, Северна Македонија и Бугарија, бидејќи се поблиску, но имаме посети (со автобуси или приватно) и од Србија и од Романија. Секако, овие посетители се во помал број од Грците, но важен е и шармот на Мелницата во нашето сакано „соседство“, на Балканот.
Секако, економската димензија е голема и посакувана, но постои и друг елемент. Се зближуваме повеќе со нашите соседи, повеќе разговараме, градиме односи и одржуваме контакти. И ова, може да донесе само позитивни резултати за сите нас.
Трикала важи за првиот „smart city“ во Грција. Дали сè уште останува „паметен“ град и што им нуди како на своите граѓани, така и на туристите?
-За нас, да се биде „паметен град“ значи дека нудиш решенија, дека ги слушаш граѓаните и соработуваш со нив, дека воведуваш иновации. Не е секогаш „паметно“ она што се прави преку технологијата. Едно е решението што се нуди, друго е делувањето за граѓанинот. Да ви дадам пример: пред десет години, со првиот во светот автобус без возач, ја претворивме рутата во велосипедска патека. По десет години изградивме вкупно 20 километри велосипедски патеки, во град со најмалку 45.000 велосипеди за околу 72.000 жители. Ова е „паметно“. Заштита на животната средина, намалување на сообраќајни емисии, благосостојба за граѓаните, благи активности. Секако, од сето ова не ја изоставаме технологијата, што ни помага да обезбедиме јасни решенија. Го спроведуваме најголемиот стратешки план за паметен град вон Атина и Солун под името „restart mAI city“ со десет различни акции и повеќе од 70 потпроекти што се однесуваат на квалитетот на животот, енергијата, социјалната заштита, мерење податоци, мобилност, водни ресурси, отпад и многу други. На пример, ќе знаеме колку енергија трошат општинските згради и во комбинација со енергетската надградба на училишта и општински згради, го намалуваме јаглеродниот отпечаток, со што сме во согласност со целите на Европската мисија за 100 климатски неутрални градови во Европа, каде што учествуваме уште од 2022 година. Купивме електрични возила исклучиво за вработените во програмата „Помош дома“, за побрзо да им се помогне на граѓаните кои имаат потреба, повторно штитејќи ја животната средина.
Создадоваме „паметни пешачки премини“ на конкретни места, со звучно-светлосни сигнали, со акцент на училишта. Подготвуваме „Социјална GIS“, односно мапа со населби и точки каде треба да се насочиме кон социјалната политика. Го завршуваме далечинско управување, телеметријата и далечинска контрола на уличното осветлување, со економски придобивки за општината и повеќе светло тогаш кога е потребно. Инсталираме мерни уреди за потрошувачка и следење на квалитетот на водата за пиење, во комбинација со постоечкиот систем за информации и одобрениот хемиски лабораториски центар на општинската водоводна и канализациска компанија. Подготвуваме платформа за управување со отпад и алтернативно третирање, откако веќе потрошивме многу милиони за нова единица за третман на отпад, „зелена точка“ за гломазен отпад двојно проширување на биолошката пречистителна станица и станица за пренос на отпад.
Веќе имплементираме систем за контрола и информации за паркирање, со акцент на паркирање за лица со попреченост. Со 100 сограѓани користиме уреди за итен одговор за стари лица, сами лица, преку специјални уреди и panic buttons.
И да додадам уште нешто. За да стигнеме до тука, од 2004 година, кога започнавме со првиот бесплатен Wi-Fi интернет во Грција или со првата програма за дигитална консултација или со првата „паметна“ здравствена програма, беше вложено многу труд и време. Многу програми беа пилот-програми и со помош на ЕУ тестиравме решенија (микромобилност, комбиниран транспорт, електрични возила за кратки растојанија, достава на лекови со дронови, системи за помош за лица со деменција во почетна фаза и многу други). Видовме што му одговара на граѓанинот, а што не. Ги идентификувавме потребите и размисливме што може да им биде потребно на граѓаните и посетителите во иднина. И се движевме користејќи ги во многу голема мера европски средства.
Можете да издвоите три причини зошто еден турист би требало да ја посетите Трикала?
- Би ви рекол … сто и три, но сигурен сум дека тоа се: нашата богата музичка традиција во народната песна, убавините на градот и околината и Мелницата на џуџињата на Дедо Мраз. И секако, со бесплатните велосипеди што ги нудиме, секој може да ја запознае Трикала. Нашиот дигитален град, неговите погодности, се едноставно алатка за да им понудиме повеќе услуги на граѓаните. За нас важни се гостопримството, соработката, пријателството.
Извор: МИА