Вести

Тошковски: Намален бројот на повредени во тест периодот на „Безбеден град“

Мора да се почне со имплементацијата на проектот „Безбеден град“, ќе ги решаваме сите проблеми, кои ќе произлезат во иднина. Мора да почнеме имаме 145 жртви, истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на собраниската говорница во одговор на прашање од пратеникот Илир Хасани од Европски фронт, кој воедно како лекар-траумотолог даде поддршка за имплементација на овој проект, со неколку забелешки, кои ги имаат упатено граѓаните.

- Се согласувам во делот со критиката дека касно го почнуваме овој проект. Апсолутно се согласувам, заради тоа што компаративно гледано, скоро секоја земја членка на ЕУ веќе длабоко го има имплементирано, која пред десет, која пред 15, па и повеќе години, а ние касниме. Но, не касниме месец- два, касниме да речам едно најмалку десет години, во имплементацијата на овој систем, рече Тошковски.

Министерот за внатрешни работи потенцираше дека  за овој тест период од 15-16 дена, од страна на лекарите е констатирано дека е намален бројот на лицата со тешки телесни повреди кои учествувале во сообраќајните несреќи.

-Особено имајќи предвид дека просекот во Македонија на жалост последниве 15 години е 145 лица, наши луѓе, наши граѓани, наши комшии, наши пријатели, членови на фамилии итн, коишто сме ги изгубиле, во последните 15 години, пак ќе повторам, вие тоа и од лично искуство го знаете, просекот е 145 и можеби сме најлоши во Европа. Катастрофа е сега што треба да направиме, треба да почнеме и навистина очекувам поддршка од секој еден пратеник во ова Собрание, без разлика дали доаѓа од редовите на власта, или доаѓа од опозицијата. Заради тоа што во имплементацијата на овој проект нема политика. Во имплементацијата на овој проект нема Албанци, нема Македонци, нема професори, нема доктори, нема адвокати, нема земјоделци. Во имплементацијата на овој проект говориме за спасување на човечки животи, кои ги губиме секојдневно најмногу во Европа, додаде Тошковски.

Во Хрватска просечно годишно гинат околу 65 лица на минумим еден милион жители, во Словенија околу 55, Германија и Австрија  околу 40-45, Шведска, Данска, Норвешка (скандинавските земји) е  околу 20.

Пратеникот Хасани истакна дека  увидени неколку слабости во текот на тест периодот, а тоа е стигнување на опомонена или казна за возење на 51 километар на час, потоа дел од граѓаните немаат мобилни телефони или мејл адреси за да им пристигнуваат казните, како и дека примената е само во неколку градови, но не и во останатите. Но, како лекар траумотолог ја даде поддршката за носење и имплементација на проектот „Безбеден град“.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано