Бизнис

Новогодишен пречек во охридските ресторани од 45 до 100 евра, распродадени над 70 отсто од хотелските капацитети

Охридските хотелиери и угостители ги привршуваат подготовките за што поуспешен пречек на гостите кои ќе решат тука да ги минат новогодишните празници. Првичните информации за исполнетоста на две седмици пред празниците покажуваат умерено зголемен интерес кај туристите за пречек на Новата 2026 година на охридското крајбрежје.

Хотелиерите велат дека интересот за аранжманите оваа година е речиси идентичен, можеби за нијанска поголем споредено со минатата година, со распродадени над 70 проценти од капацитетите. Оние помалите се целосно распродадени, а слични се очекувањата и на останатите, имајќи ги предвид навиките на луѓето од земјава, па и регионот во последен миг да се носи одлука каде да се поминат Новогодишните празници.

Она што е поразлично од лани е што оваа година цените на аранжманите и на ресторанските услуги се малку повисоки. И хотелиерите и угостителите целат дека тоа е последица на зголемените цени на репроматеријалите и прехранбените производи.

Првата информација ни ја даде Крсте Блажевски, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија, ХОТАМ, кој рече дека се очекува солидна посетеност, можеби и подобра од минатата година.

- За Новогодишните празници поголем дел од хотелите ќе работат со дочек на Новата година, но дел од нив и само со сместување односно на база ноќевања и појадок, со дочеци по рестораните на крајбрежјето, рече тој.

Рестораните низ градот се со резервирани места за пречекот како и за останатите вечери. Цената варира зависно категоријата и местоположбата на објектот, но во секој случај цените се повисоки отколку лани. Цената варира меѓу 45 и 100 евра, со тоа што некаде таа вклучува забава со познати етрадни уметници и неограниен пијалок, додека некаде тоа е само за свечена вечера, пијалоците се доплаќаат. Дел од рестораните ќе работаат и на варијантата отворен влез, без организиран пречек со редовни цени на услугите.

Забава ќе има и по кафулињата низ градот, каде цените варираат, но приближно тоа ќе ве чини две илјади денари за влез со закуска односно мезе, додека пијалоците се по редовни цени. Сепак, и менаџерите на кафулињата посочуваат дека веќе се претежно исполнети така што за место потребна е резервација однапред, со оглед на ограниченоста на капацитетите.

Традиционално организиран дочек на Новата 2026 година ќе има и на Градскиот плоштад, со забава за празниците на отворено. Програма за дочекот на 31 декември ќе има во текот на целиот ден, но главната забава почнува во 20 часот со музика што ќе ја одберат ди-џеите Јуксел и Багзи, а веселбата ќе кулминира со настапите на македонските естрадни уметници Влатко Лозановски, Ефто Пупиноски и Ѓоко Танески.

Забава ќе има и вечерта на првиот ден од Новата година на 1 јануари, со концертите на легендарните „Меморија“ и музичкиот состав „Фузија“, објави МИА.


 

Фото Економија и бизнис

 

 

ПРЕПОРАЧАНО