Општество
Јаневска: За забрзување на напредокот, во 2026 рекордни вложувања во науката
17.12.2025г
Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека продолжува континуираниот раст на буџетот за наука, така што во 2026 година, како што рече, „ќе имаме рекордни 773 милиони денари за наука“. Во 2025 година за наука беа наменети 680 милиони денари, а во 2024 - 380 милиони денари.
- Македонија не може да продолжи со практиката на мали инвестиции во науката. Државите во опкружувањето ги интензивираат вложувањата во научно-технолошки развој и земјата, ако сака да остане релевантна и на меѓународна научна сцена, неопходно е да направи исчекор кон системско и значајно зголемување на средствата за истражувања, создавање современа инфраструктура и поттикнување на иновацискиот капацитет. Нашата определба, како Министерство и како Влада, да насочуваме од година во година се поголеми средства кон наука и истражувања, ја покажува решеноста да градиме општество засновано на знаење, иновации и одржлив развој, истакна Јаневска денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде што беа презентирани прелиминарни резултати од истражувањето „Иновативни научни решенија за намалување на социјалната нееднаквост и сивата економија во Македонија преку даночната регулатива“ кое се спроведува со финансиска поддршка на МОН.
Посочи дека се преземаат голем број активности насочени кон јакнење на научно-истражувачкиот капацитет на државата. Една од нив, рече, е можноста за вклучување на македонските научници и истражувачи во европските истражувачки мрежи, за што МОН потпиша договор со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.
- Со пристапот до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти со европски партнери, нашите научници добиваат мобилност, а државата развојна перспектива, додаде Јаневска.
Таа укажа и на зголемените плати на универзитетските професори за 14 отсто и обезбедениот бесплатен пристап до научните бази Web of science и Scopus, подготовката на две нови законски решенија - за високо образование и за научно-истражувачка дејност кои, заедно со реформата на Агенцијата за квалитет во високото образование и отворањето на првиот државен научно-технолошки парк, ќе овозможат значајно подобрување на условите за научни истражувања.