Бизнис
ЦЕНИТЕ НА НАФТАТА ПАЃААТ ВТОРА НЕДЕЛА ПО РЕД
22.12.2025
Цените на нафтата паднаа на светските пазари минатата недела, втора недела по ред, а трговците главно се фокусираа на блокадата на испораките на нафта од Венецуела од страна на САД.
Минатата недела цената на еден барел на лондонскиот пазар падна за 1,1 процент, на 60,47 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 1,4 проценти, на 56,66 долари.
Трговците се фокусираа на блокадата на испораките на нафта од Венецуела откако американскиот претседател Доналд Трамп нареди „целосна блокада“ на сите санкционирани танкери што се упатуваат кон Венецуела и оние што ги напуштаат венецуелските пристаништа.
Уделот на Венецуела во глобалното производство е само еден процент, а го купуваат само САД, Куба и независните кинески рафинерии. Ова не влијаеше значително врз проценките за односот помеѓу понудата и побарувачката, па затоа цената на барел на американскиот пазар падна на најниско ниво во последните четири години во текот на неделата.
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) проценува дека понудата би можела да ја надмине побарувачката за околу четири милиони барели дневно во 2026 година, а Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) очекува само мал плус, пренесува Сеебиз.
Фото Економија и бизнис