Бизнис
Откажани резервациите во одредени дестинации во Грција поради блокадите на земјоделците
24.12.2025
Поради блокадите на земјоделците низ цела Грција и отежнатиот сообраќај од почетокот на месецов, во некои популарни зимски дестинации во земјата, откажани се и до 50 отсто од резервациите за празничниот период, пишуваат грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Весникот „Та неа“ објави дека според хотелиерите од повеќе региони во централна Грција каде што се наоѓаат планински туристички дестинации, „загубите се веќе големи и не се ограничени само на деновите околу Божиќ и Нова година, бидејќи започнаа заедно со почетокот на протестите на земјоделците“.
- Не зборуваме за два продолжени викенда. Веќе 25 дена бележиме голем пад на резервациите, а откажувањата достигнуваат и до 50 проценти. Кон Божик одиме со исполнетост која, во најдобар случај, изнесува 50 отсто, истакнува за весникот, претседателот на хотелиерите од областа Магнисија Јоргос Зафирис, додека во Јанина откажувањата се меѓу 20 и 25 проценти.
Според податоците на грчката телевизија „Мега“, во одредени делови на Грција каде што првично исполнетоста била 100 отсто, поради откажувањата се намалила на 50-60 проценти.
Во Трикала, каде што е и популарниот божиќен парк „Мелницата на џуџињата на Дедо Мраз“ и од каде што на почетокот на месецов, хотелиерите за МИА посочија дека празничниот период за нив е висока сезона со 100 отсто исполнетост, сега, според „Мега“ откажувањата за Божиќ се 40 проценти.
Претседателот на грчката федерација на хотелиери Јанис Хаѕис преку Х вчера посочи дека за ситуацијата не се виновни клиентите, членовите и вработените и побара начин да се ограничи економската штета што ја трпат членовите на федерацијата.
Од федерацијата пред 12 дена испратија писмо до министрите за заштита на граѓаните, за транспорт и за земјоделство во кое изразија разбирање за протестите на земјоделците, осврнувајќи се на меѓусебната соработка со конкретниот сектор, но и додадоа дека е клучно „формите на протестите да не предизвикуваат несразмерни последици врз другите сектори на економијата и врз локалната заедница“.
Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември со неколку блокади, кои постепено се проширија низ цела Грција со блокирани автопатишта, особено во централниот и северниот дел на земјата, каде што беше отежнат или целосно во прекин сообраќајот.
Грчките земјоделци, од вчера ги тргнаа блокадите, сообраќајот се до петок ќе се одвива нормално, но тракторите остануваат паркирани во една од коловозните ленти.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис