Интервјуа

ИНТЕРВЈУ | Гордана Димитриеска Кочоска: НЕМА ДА ИМА ПРОМЕНА НА ДАНОЦИТЕ

Интервју со Гордана Димитриеска Кочоска, министер во Министерство за финансии

Во моментов кога го правиме ова интервју, актуелен е предлог-буџетот на државава за 2026 година. Кои се клучните параметри на буџетот? Има стравувања дека проектираниот економски раст е можеби преоптимистички имајќи ги предвид случувањата во германската економија, нашиот најголем извозен пазар. Се влошуваат изгледите во автомобилската индустрија, во металната индустрија – по воведувањето на тарифите од страна на ЕУ, текстилната индустрија поради падот на нарачките итн. Доколку навистина се реализира вакво сценарио, тогаш и проектираните приходи во буџетот за 2026 година ќе се покажат тешко остварливи. Имаме ли некаков штит за вакво сценарио?

Г. Димитриеска Кочоска: Проектираниот реален раст за 2026 година е 3,8 % и сметам дека е реално остварлив. Но, секако дека ги следиме состојбите на глобално ниво и ги земаме предвид сите ризици. Затоа и буџетот за 2026 година не е проектиран со оптимистичко сценарио, туку би рекла напротив, доста внимателно, дури конзервативно. Свесна сум дека во буџетот веќе не постојат резервни средства (бафери) кои би можеле да се користат во време на кризи, претходната влада искористи сè што беше останато за кризни ситуации, а не успеа да се консолидира како што го направија тоа соседните земји. Затоа и проекциите се многу внимателни. Она што, секако, останува е фактот дека годинава проектираниот номинален БДП ќе биде над нашите очекувања, што остава простор за следната година од аспект на изразување на јавниот долг и на дефицитот како проценти. Во однос на даночните приходи, сметам дека тие ќе бидат остварени согласно планираното и тука нема ризици.

Во досегашниот тек на 2025 година се регистрира зголемена наплата на даноци и на царини. Она што, секако, може да помогне во кое било сценарио е сериозно интензивирање и на борбата против сивата економија. Вие сте еден од ретките министри за финансии што уште на стартот најави жестока борба на тој план. До каде се активностите, што се планира за 2026 година?

Г. Димитриеска Кочоска: Мојот фокус и понатаму останува на прибирањето на даноците и на намалување на сивата економија. Е-фактура е проект што сериозно се работи и очекувам во текот на следнава година да почне да функционира. Паралелно се работи и на законот за е-фактура. Согласно некои анализи на ММФ, даночните трошоци во Македонија се 4,75 % од БДП, што е огромен износ. Мојот фокус е намалување на процентот, односно сите закони од областа на даноците и на царините ќе бидат отворени со цел да видиме каде имаме неусогласености и не прибираме доволно приходи. Дигитализацијата на УЈП е приоритет, тука мислам на врзување на системите меѓу себе. За мене е несфатливо како може во 2026 година да не може со внесување на даночен број и со еден клик во систем да ги добиете сите податоци за еден правен субјект, колкави обврски има за секој поединечен данок, дали редовно плаќа или не итн. Продолжуваме и со понатамошна дигитализација на Царинската управа. Министерството за финансии има целосна техничка поддршка од страна на Министерството за финансии на САД (US Treasury) и сметам дека сега е вистинскиот момент за доведување на работите во правилна насока.
Исто така морам да напоменам дека сериозно ја анализирам потребата од поврзување на сите менувачници во државава во еден систем. Ова сметам дека сериозно ќе влијае на намалување на сивата економија во државава.
Кога зборуваме за системи морам да напоменам дека за финансиските друштва воспоставуваме еден софтвер кој треба да ја олесни контролата кај нив, а согласно тоа произлегува и потребата за менување на Законот за финансиски друштва.
Законот за игри на среќа е во собраниска процедура. Покрај повисокиот приход за буџетот од повисоките давачки за овие правни субјекти, планот е во 2026 година да се направи нов систем што ќе ги контролира и овие правни субјекти и ќе ги спречи сите можни злоупотреби.

Доколку таа битка почне да дава резултат ќе нема потреба од зголемување на даноците или на другите давачки на бизнис-секторот спрема државава. Но, да прашам директно, се планира ли за 2026 година какво било зголемување на даноците и на другите давачки на приватниот сектор спрема државава?

Г. Димитриеска Кочоска: Апсолутно нема да има промена на даноците. Тоа го ветивме и во предизиборната програма. Секогаш се водам од правилото дека на државава треба да ѝ се плати толку колку што ѝ следува, ниту повеќе, но ниту помалку. Токму од таа причина и ги отвораме законите, да ги додефинираме работите за да нема недоразбирања. Ќе дадам пример од Законот за ДДВ. Почнавме да го работиме пред повеќе од еден месец. На мое инсистирање почнавме да ги читаме сите членови од Законот и констатиравме дека основни работи напишани уште во 2000 година не се сменети, а создаваат забуна сите овие години. Од таа причина вклучив и експерти, пред сè дел од консултантските куќи, кои на дневна основа се соочуваат со прашања на кои не можат да дадат прецизен одговор. Сето тоа се работи и ќе се работи со цел да имаме што е можно подобри и попрецизни закони. На тој начин нема да може да се заобиколува системот и да се правдаат поединци со недоречености во законите. За жал, она што е столб на државава, а тоа се законите од областа на даноците, низ годините се менувани само со козметички измени. Сега е време ова да се промени. Нам ни треба прво да постигнеме сите да плаќаат даноци, а потоа да размислуваме за промена на даночните стапки.

Расходната страна на државниот буџет отсекогаш ја карактеризирала нефлексибилност, голем дел од расходите се фиксирани за издатоци за плати, за пензии итн. Што мислите дека треба да се преземе за да се промени ваквата состојба и да се креира поголем простор за поддршка на економскиот раст?

Г. Димитриеска Кочоска: Благодарение на колективните договори кои ги потпишуваа поединци од претходната влада има комплетно нарушување кај системот на плати. Јас многу често го зборувам ова. Имате ситуации кога работна позиција правник вработен во дејности од област на култура, на одбрана, во влада или во финансии, во образование, во здравство и слично има различна плата. Сè додека не се надмине овој проблем што е многу сериозен, не може да се оди понатаму затоа што голем дел од администрацијата чувствува огромна неправда. Треба да се намалува администрацијата, посебно по природен пат со пензионирање и со непополнување на тие работни позиции. Дигитализацијата исто така може да помогне многу. Да се намали бројот на институции како што ветивме и пред изборите. Воедно сето она што погоре го кажав исто така ќе ја подобри приходната страна и ќе остави простор за поголема поддршка на приватниот сектор. За мене клучна е и преквалификацијата на луѓето кои се приматели на социјална помош. Од една страна, ќе се намали обврската од буџетот, а од друга страна ќе има поголема понуда на работна сила. Секако, Владата треба да биде поддршка на приватниот сектор. Кога велиме поддршка, тоа не значи секогаш да се даваат субвенции и слично, тоа значи стабилен и силен енергетски сектор што ќе им нуди на македонските компании конкурентни цени на електрична енергија, добра инфраструктура, достапна и ефикасна администрација итн.

Искуството од последнава година покажа дека објективно и капацитетот за реализација на капиталните расходи изгледа прилично ограничен. Имате ли сознанија како се реализираа парите од т.н. „унгарски кредит“ за општините и за приватниот сектор? Како да се зголеми апсорпцискиот капацитет на јавниот сектор за реализација на капиталните инвестиции на државава?

Г. Димитриеска Кочоска: Средствата од унгарскиот кредит се реализираат дури и побрзо од нашите очекувања, што е уште еден доказ дека приватниот сектор секогаш побрзо и подобро ги менаџира средствата и времето. Во однос на проектите на општините, реализацијата се одвива побавно во однос на нашите очекувања. Сепак, брзината со која се реализираат проектите е многу поголема отколку во минатото. Но, и тоа не е доволно. Сметам дека најголемиот проблем со кој се соочуваме е тоа што институциите започнуваат проекти што не се комплетни и се избрзани. Од таа причина, оваа година беше усвоена Уредбата за јавни инвестиции согласно која за сите проекти над 5 милиони евра има постапка што мора да ја запази секоја институција. Нешто што во минатото не се почитувало и затоа имаме и застои кај многу проекти. Во практика имаме ситуации кога грејс периодот за одреден проект завршил, а не е повлечено речиси ниедно евро, односно имаме проекти кои се потпишани уште во 2019 година, а до денес реализацијата е слаба. Сето тоа е поради избрзани одлуки и недоволно подготвени проекти.

Слушаме за големи износи, милијарди евра, можни нови задолжувањата на државава во странство. Се зборува дека заемите ќе бидат за финансирање, меѓу другото, и на големи инфраструктурни проекти. Во отсуство на повеќе детали за овие проекти, дали се тие прецизно разработени и дали се знае колкав ќе биде ефектот од нив? Мора да се биде објективен затоа што ако се потрошат милијарди евра позајмени пари од странство, а од тоа не се остварат сериозни позитивни ефекти за економскиот раст и за вработеноста во земјава, тогаш таа ќе влезе во зона на задолженост од која тешко ќе се извлече со години.

Г. Димитриеска Кочоска: Во однос на проектот за железницата, во моментов се работи студија за животна средина и физибилити студија. Секако дека кај ваквите проекти клучно е дека реализацијата мора да оди согласно планираното, во спротивно состојбите можат да се влошат. Такви примери од минатото имаме многу. Секогаш велам дека мора да се почитуваат проекциите/плановите, во спротивно лошо е од секој аспект. Еден од подобрите проекти е автопатот Демир Капија − Смоквица. Но, ни тој не беше пуштен навреме. Доцнењето направи нарушување на ликвидноста на ЈПДП со тоа што две години се изгуби приход од патарините, исто како што го губиме за автопатот Кичево − Охрид. Во последниве години, голем дел од кредитните обврски на ЈПДП се плаќаат од буџетот, нешто што во нормални услови не би смеело да се случи. Замислете каква ќе беше ликвидноста на ЈПДП ако сè се завршуваше навреме. Исто ќе биде и со железницата доколку не се реализира согласно планираното. И да не заборавиме колку доцнењето на секој од овие проекти влијае негативно на приватниот сектор − доцнење во испорака и повисоки цени на транспорт поради лоша инфраструктура, незаинтересираност за зголемување на производни капацитети, побавно намалување на стапката на невработеност, особено во градовите надвор од Скопје итн.

Деновиве едно од актуелните прашања во бизнис-заедницата е повратот на ДДВ. Можат да се слушнат спротивставени гласови, од тоа дека е зголемена внимателноста при исплатата и се прават зајакнати проверки до тоа дека во буџетот нема пари за таа работа и се чека приливот од новата евроообврзница за да се изврши исплатата. Како стојат работите?

Г. Димитриеска Кочоска: Приливот од новата еврообврзница апсолутно нема никаква врска со повратот на ДДВ од годинава. УЈП има посериозни контроли кај сите правни субјекти. Оваа година воведени се повеќе индикатори согласно кои се утврдува дали одредена компанија има ризици или не, на пример дали ги зголемува побарувањата, обврските, дали основачот е странец или не итн. За сето ова е потребно време, анализа на завршни сметки, биланси во тек на година. Како и да е, повратот на ДДВ оваа година е повисок во однос на минатата. Имајќи предвид дека има и компании кои се под засилен мониторинг, а претходно земале поврат на ДДВ, можам да кажам дека напротив, повратот оди со позабрзана динамика. Секако оние кои се под засилен мониторинг, односно контроли се тие кои создаваат најмногу врева дека повратот на ДДВ доцни. Жалам што поединци кои немаат најчесни намери спрема државава креираат мислење во општествово.

Еден од начините за остварување значаен прилив на пари во државава во форма на грант или во форма на задолжување под многу пониска каматна стапка од онаа по која редовно би се задолжиле како земја е интензивна реализација на реформите усогласени со ЕУ во рамките на т.н. Реформска агенда. Тие не се поврзани со промена на Уставот, туку зависат само од нашите заложби за реформи. Заедно со Планот за раст за Западен Балкан станува збор за прилив во државава од вкупно 750 милиони евра заклучно со декември 2027 година. Ќе успееме ли да ги реализираме предвидените реформи и нашава држава да ги стекне финансиските придобивки од тоа?

Г. Димитриеска Кочоска: Убедена сум дека ќе успееме да ги реализираме предвидените реформи. Сепак, морам да напоменам дека дел од нив се прифатени од страна на претходната влада без притоа да се знае што се прифаќа. Еден таков пример имам во Министерството за финансии. Имено, прифатено е да се направат законски измени согласно кои нематеријалните средства ќе можат да се користат како колатерал кај банките. Срамот е голем за нас бидејќи ова веќе постои во законите, а регистрирани се и нематеријални средства како колатерал уште во 2016 година. Сега ние што треба да менуваме? И по однос на ова прашање се троши енергија, време во дискусија и објаснување дека вакво нешто постои во нашите закони. А исто така несфатливо е како ние како Министерство за финансии би ги натерале банките да прифаќаат ваков колатерал кога ризикот го презема банката, а не Владата. Во однос на точките кои можат да се реализираат, сите институции работат напорно и очекувам како и минатата година така и оваа да бидеме први во исполнување на обврските и во прилив на средствата.

За крај, како да обезбедиме како држава долгорочна одржливост на јавните финансии?

Г. Димитриеска Кочоска: Само со дигитализација. Искрено, во овој момент и согледувајќи ги работите повеќе од една година однатре, само дигитализацијата може да го намали сериозно неефикасното трошење на буџетските пари.

Ви благодарам за интервјуто.


Разговараше: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано