Општество
Матичните лекари ќе бидат казнети доколку ги надминат квотите за препишување антибиотици и анксиолитици, изјави Клековски
25.12.2025
Минатата година го зголемивме нашето вреднување на матичните лекари, сега очекуваме зголемена одговорност од нивна страна. Тоа значи придржување до казнената политика доколку се надминат квотите за пропишување антибиотици и анксиолитици. Имаме само за тие две групи ограничување за препишување, изјави генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Втората мерка која ја планираме, посочи тој, е Е-рецепт, кој во основа треба да обезбеди позадинска контрола на индикациите и дозирањето, бидејќи ние во основа имаме загуба и во несоодветно препишување, меѓутоа и несоодветно препишување во смисла на дозирање, издавање поголеми колични што се неопходни.
Појасни дека треба да се донесат уште два правилници, веќе е обезбедена интероперабилноста меѓу различните системи, тестиран е Е-рецептот кај матичен лекар и во аптека и очекуваат да стартува во 2026 година.
- Системот ќе ги заштити и докторите од притисоците да се пропише готова терапија, бидејќи ние знаеме дека некогаш притисокот доаѓа и од осигурениците, од граѓаните дека сакаат некој лек да го добијат без оглед дали тој е соодветен за нивната индикација. Важно е и јакнењето на јавната свест. За нас најкритична е употребата на сумамед, кој треба да биде антибиотик за последна линија на одбрана, а минатата година имавме 23 отсто зголемување во неговото издавање, рече Клековски.
Потенцира дека средствата за ставање нови лекови на позитивната листа, според прелиминарните податоци, се зголемени за околу пет милиони евра, од 3,2 на 3,5 милијарди денари, што спроед него, не е одраз на зголемувањето на бројот на лекови на листата, туку е одраз на зголемената консумација.
- Е-рецептот ни е неопходен заради контролите и намалување на неоправданата употреба за да ја зголемиме оправданата употреба на лекови. На позитивната листа се уште имаме премногу стари, евтини лекови кои се лесно достапни, а ни недостигаат малку поскапи лекови од новите генерации кои не се на листата, додаде Клековски.
Фото Економија и бизнис