Општество
Премиера на „Сонцето, колку е блиску сонцето“ по повод 80 години МНТ
29.12.2025г
Македонскиот народен театар вечер премиерно ќе го изведе сценско-музичкиот проект „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“ по повод 80 години постоење. Претставата е аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност - емотивна приказна посветена на големите актери, режисери, драматурзи и на сите професионалци зад кулисите задолжени за создавањето на сценскиот универзум во МНТ.
Ќе учествуваат 60 актери – 40-ина од ансамблот на МНТ, како и студенти по актерска игра, актери - надворешни соработници до оперски уметници и деца од драмски студија, со музика во живо, 3Д мапинг, кореографија, анимации...
-Перформансот е големо патување низ националната драма и сите основоположници на македонската драма и литература. Во претставата ќе бидат претставени сценски слики од највпечатливите моменти на сите големи автори на големата драматика, како и сите оние слики што се втиснати во колективната меморија и традиција. Претставата е аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза, песна и ликовна уметност. На сцената преку уметничката визија ќе видиме сценски слики што се значајни за нашиот идентитет, преку кои создаваме мозаик од музика, поезија, приказни, кои го направиле МНТ столб и чувар на нашата култура и традиција, истакна режисерот Пројковски.
На прес-конференција по повод премиерата, режисерот истакна дека одговорноста и возбудата се големи затоа што, рече, да се работи јубилеј на МНТ значи да се патува низ времето и на публиката да и го претстави сето она што било важно во театарот, а со тоа и во македонската култура.
Насловот „Сонцето, колку е блиску сонцето“ е преземен од првата изговорена реплика на сцената на МНТ со која на 3 април 1945 почнува работата на театарот.
-Се одлучивме дека тоа е најадекватното име, зашто таа прва реплика го отвори бескрајот, го отвори универзумот наречен МНТ и таа реплика нè води низ целата претстава која е рефлексија на сè она што е МНТ. Создаваме уметнички перформанс кој повеќе се занимава со театарот и со играта како феномен, многу помалку со фактографија затоа што и не ни е тоа намерата на претставата. Се обидуваме да се присетиме дека во Македонскиот народен театар се родиле и „Буре барут“, „ММЕ кој прв почна“, „Среќна Нова ‘49“, „Кенгурски скок“, „Макавејски празници“ и голем број други култни претстави кои се дел од темелот на она што денес се нарекува современ МНТ, истакна Пројковски по повод премиерата за осум децении постоење на МНТ.
Асистент на режијата е Андреј Цветановски, кореограф Олга Панго, асистент на кореографот Ирена Лозинска. Сценографијата е на Валентин Светозарев, за костимите е задолжена Марија Пупучевска, музиката е на композитор Горан Трајкоски и дизајнер на 3Д-видеомапинг е Сергеј Светозарев.
По вечерашната премиера, две следни изведби ќе има на 15 и 16 јануари, а во план е овој мултимедијален проект да остане на репертоарот и во наредните месеци.