Бизнис

ЕКСКЛУЗИВНО за ЕКОНОМИЈА И БИЗНИС | Живко Мукаетов: Очекувања за 2026 година

Што очекувате од 2026г.

Нашите активности се максимално насочени кон развивањето на генерички лекови со додадена вредност (value added medicines)

На крајот сме на една исклучително тешка година − 2025 година беше исполнета со бројни предизвици од глобален, од регионален и од локален карактер. И покрај комплексната економска околина, очекуваме годинава да ја завршиме успешно, со целосна реализација на планираните стратешки цели. Врз основа на досега реализираните инвестиции и тековните извозни трендови, за 2026 година предвидуваме најмалку повторување на очекуваната стапка на раст од 7 %. Во нашите резултати и натаму ќе доминираат извозните пласмани со јасна диверзификација на ризиците од аспект на пазари и на портфолио. Остануваме посветени на континуирано зголемување на волумените на работењето со цел зајакнување на позициите кај нашите доставувачи и оптимална искористеност на капацитетите. Ќе продолжи да доминира фокусот кон одржување и унапредување на високиот квалитет на нашите производи како основа за долгорочно задоволство и лојалност кај потрошувачите, како и целосна усогласеност со највисоките меѓународи стандарди и регулативи во фармацевтската индустрија. Инвестициите ќе бидат насочени кон зголемување на постојните производствени капацитети, воведување нови технологии и стандарди, јакнење на човечкиот потенцијал воопшто, како и во софтверската поддршка, во дигитализациите и во најскоро време и во паметната примена на вештачката интелигенција. Во делот на иновациите, на истражувањето и на развојот, нашите активности се максимално насочени кон развивањето на генерички лекови со додадена вредност (value added medicines). Како компанија остануваме посветени на примена на EСГ-принципите како стратешки двигател за управување со ризици, за одржлив раст, за поттикнување иновации, за обезбедување долгорочна конкурентност, за градење доверба кај инвеститорите и за пристап до одржливо финансирање. Сето ова очекуваме да придонесе за континуирано подобрување на нашата конкурентност во глобалната економија со надеж дека токму следнава година ќе донесе подобрување и на глобалните безбедносни состојби, што може да придонесе за подобрувања на економскиот амбиент воопшто.

ПРЕПОРАЧАНО