Бизнис
ЕКСКЛУЗИВНО за ЕКОНОМИЈА И БИЗНИС | Андреја Јосифовски: Очекувања за 2026 година
Што очекувате од 2026г.
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2025г.
Моите предвидувања за „Макпетрол“ АД за 2026 година се охрабрувачки
Завршуваме една година со сериозни глобални предизвици произлезени од геополитичките случувања, особено во енергетскиот сектор. Оптимист сум дека во текот на 2026 година конечно ќе се постигне договор за крај на војната во Украина и дека голем дел од отворените конфликти низ светот ќе добијат мирно решение со што значително ќе се подобрат условите за водење бизнис. Во однос на домашната економија, очекувањата за 2026 година ми се дека ќе се задржи стабилен економски раст на БДП од 3,5 %, како и стабилна стапка на инфлацијата која ќе се движи меѓу 2,5 % и 3 %, што би придонело за стабилна и за предвидлива бизнис-клима што ќе овозможи раст и развој на целата македонска економија. Добро е што 2026 година не е изборна година поради што очекувам Владата да ја засили борбата против криминалот, сивата економија, корупцијата и нелојалната конкуренција, како и да ги спроведе потребните реформи во некои клучни области, сè со цел подобрување на условите за работа за сите компании на македонскиот пазар. Моите предвидувања за „Макпетрол“ АД за 2026 година се охрабрувачки − очекувам „Макпетрол“ да го задржи својот стабилен раст на продажбата и на профитот. Исто така со засилено темпо ќе продолжиме со инвестициите во објектите каде што се врши дејноста на компанијата, воведувајќи најсовремени технологии и зголемено ниво на дигитализација и на автоматизација на работата. Несомнено „Макпетрол“ и понатаму ќе остане максимално посветен на грижата за своите вработени бидејќи тие се најголемиот капитал на нашава компанија и се клучни за успехот на компанијава. Како и досега, ние ќе останеме целосно посветени на почитување на највисоките стандарди за заштита на животната средина при вршењето на нашата дејност и ќе останеме предводник во борбата за примена на горива со ниска емисија на штетни издувни гасови.