Економија
ЕВЕ КАКО ФРАНЦИЈА ГИ ШТИТИ ДОМАШНИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ ОД УВОЗОТ НА ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ!
05.01.2026
Француската влада денес објави дека ги заострува контролите врз неколку увезени прехранбени производи, во обид да ги ублажи загриженостите на земјоделците кои протестираат против, како што велат, нелојална конкуренција од земји со помалку строги регулативи.
Француските земјоделци протестираат поради планираниот европски трговски договор со јужноамериканскиот блок Меркосур, како и други прашања, вклучително и мерки за спречување на болестите кај добитокот.
Француската министерка за земјоделство, Ан Женавард, изјави дека построгите контроли ќе обезбедат храната што доаѓа надвор од Европската Унија да не содржи супстанции забранети во храната произведена во рамките на блокот.
Таа додаде дека наскоро ќе биде донесена уредба со која ќе се објави прекин на увозот на одредени прехранбени производи за кои веќе е познато дека ги содржат овие супстанции.
Таа изјави дека дињите, јаболката, кајсиите, црешите, јагодите, грозјето и компирите ќе се продаваат во Франција само ако не покажуваат никакви траги од супстанции забранети во Франција.
„Други производи од Јужна Америка, како што се авокадо, манго, гуава или одредени агруми од други делови на светот, ќе можат да се увезуваат само ако ги исполнуваат нашите стандарди“, додаде министерката.
Францускиот премиер Себастијан Лекорни претходно изјави дека секој увезен производ што покажува траги од хербициди и фунгициди, поточно манкозеб, глуфозинат, тиофанат-метил и карбендазим, кои се забранети во Европа, нема да биде дозволен во Франција.
Германија и Шпанија го поддржуваат договорот со Меркосур, но противниците во Франција тврдат дека таков трговски договор би довел до евтин увоз на јужноамерикански стоки, особено говедско месо, што не ги исполнува стандардите на Европската унија за животна средина и безбедност на храната, пренесува Телеграф.
Фото Економија и бизнис