Lifestyle

АМБИЦИОЗЕН ПЛАН ЗА ИЗГРАДБА НА ПОДВОДЕН ТУНЕЛ МЕЃУ ЕВРОПА И АФРИКА

Амбициозниот план за изградба на подводен тунел што ќе ги поврзе Африка и Европа доби нов поттик. Проектот од 8,7 милијарди евра, кој предвидува изградба на железнички тунел под Гибралтарскиот канал  помеѓу Шпанија и Мароко, е прогласен за „технички изводлив“ од страна на научниците во неодамнешна студија за изводливост.

Во студијата, спроведена од германски експерти за тунели во име на шпанската влада, се заклучува дека дупчењето железнички тунел со користење на сегашната технологија е можно. Сепак, проектот се соочува со голем број технички предизвици, а истражувачите сега подетално ја анализираат практичноста на изградбата на клучни делови под подводниот праг Камаринал, област карактеризирана со исклучително сложени геолошки услови.

Тунелот ќе биде долг околу 42 километри, а  27 километри од трасата ќе поминува под морето. Иако конечната длабочина сè уште не е утврдена, се предвидува дека ќе биде околу 420 метри под нивото на морето, што е далеку поголема од длабочината на Евротунелот под Ламанш, кој има максимална длабочина од 74 метри.

Доколку плановите за проектот се реализираат, тунелот ќе стане еден од најдолгите во светот и ќе означи револуционерен нов систем што ќе овозможи  поевтин и побрз транспорт на стоки помеѓу Африка и Европа. Покрај товарниот транспорт, проектот значително би го намалил и времето на патување од Мадрид до Казабланка, кое моментално трае дванаесет часа со автомобил и ферибот, на само пет и пол часа со воз.

Предложената подморска врска би се состоела од два одделни железнички тунели. Се очекува патувањето низ самиот тунел да трае околу триесет минути, а ќе превезува и патници и товар со брзиот воз.

Доколку проектот добие зелено светло, се очекува земјените работи да започнат во 2030 година, а главната фаза на изградба е закажана помеѓу 2035 и 2040 година, иако се нагласува дека сите датуми се предмет на промена, пренесува Пословни дневник.


Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано