Финансии / Банкарство
ЕКСКЛУЗИВНО за ЕКОНОМИЈА И БИЗНИС | Санел Кустурица: Очекувања за 2026 година
Што очекувате од 2026г.
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2025г.
Со постепено смирување на инфлацијата и со поконкурентни каматни стапки, очекуваме раст од 3,5 до 4 % во 2026 година
Две илјади дваесет и шеста година ја гледам како година во која економиите конечно ќе можат да го претворат потенцијалот во реален напредок. Глобално очекувам да ни претстои година во која и понатаму геополитичките тензии, енергетската транзиција и технолошката трансформација ќе продолжат да влијаат врз пазарите, но очекувам поголема предвидливост и постепено зајакнување на деловната активност, движено од стабилизирачките трендови на глобалните финансиски пазари и засилени инвестиции во продуктивни и во одржливи сектори. Во нашава држава верувам дека ќе се интензивираат инфраструктурните проекти, растот ќе биде поддржан од инфраструктурните инвестиции, од зелените енергетски проекти и од стабилната приватна потрошувачка, иако таа ќе биде нешто поумерена поради новите макропрудентни мерки во кредитирањето на населението. Со постепено смирување на инфлацијата и со поконкурентни каматни стапки, очекуваме раст од 3,5 до 4 % во 2026 година. Банките, како и досега, ќе останат клучни партнери во поддршката на инвестициите, а Шпаркасе банка − со силата на 200 години традиција − ќе продолжи да ги поддржува економијата, компаниите и идните генерации.