Економија

СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИ ВО НЕДВИЖНОСТИ ПРЕДИЗВИКАА КРИЗА ВО ДОМУВАЊЕТО ВО ЦРНА ГОРА, инвестициите во недвижности надминаа 50% од СДИ

Цената за становите во Црна Гора го достигнуваат историскиот максимуми, а инвеститорите од целиот свет купуваат станови како безбедно засолниште за капиталот, додека на локалните граѓани им е сè потешко да си дозволат покрив над главата. Вложувањето во недвижностите станаа најпрофитабилниот бизнис во земјата, но  истовремено ја продлабочи кризата со домувањето.

Во текот на последните пет години, цените на становите во Црна Гора „експлодираа“. Просечната цена на новоградбата скокна од околу 950 евра/м² во 2020 година на 2.158 евра/м² на почетокот на 2025 година.  Податоците на Монстат за вториот квартал во 2025 година покажуваат дека  квадратен метар во новоградба чинел 2.201 евро, а 2.228 евра во третиот. Во Подгорица, цената беше околу 2.153 евра/м², на крајбрежјето 2.458 евра/м², додека луксузните вили во Тиват достигнаа 14.000 евра/м².

Во исто време, просечната нето плата беше околу 1.015 евра во август 2025 година,  а квадратен метар чини речиси две и пол просечни плати. За просечен стан од 50 м² граѓаните во Црна Гора треба да одвојат повеќе од 100 просечни плати. За кредит за мал стан се бара аванс од 10-20% и ефективна камата од 5-6%. Киријата за гарсониера се движи од 350-450 евра, а за стан со една спална соба од 400-700 евра.

Аналитичарите истакнуваат дека од 2020 година,  а особено по војната во Украина, странците купуваат недвижности како безбеден начин за зачувување на имотот. Над 80% од трансакциите ги вршат странски купувачи; најголемите уплати за недвижности за живеење доаѓаат од САД, Западна Европа, но и од регионот (Србија, Русија, Турција).

Дополнително високата инфлација, недостигот на работна сила и зголемување на цените на градежните материјали дополнително ги мотивираа инвеститорите  во недвижности.  Црна Гора, на тој начин, се појавува како поевтина алтернатива во споредба со другите медитерански дестинации, просечните цени се за 20-40% пониски отколку на југот на Франција или Италија.

Зголемувањето на цената на становите беше засилено и со либералниот инвестициски режим и  добивањето на „златна виза“. До крајот на 2022 година, владата нудеше економско државјанство со инвестиција во хотели (250.000 евра во неразвиените подрачја или 450.000 евра во развиените). Програмата привлече стотици инвеститори од Русија и Кина и иако беше прекината, создаде репутација на земја што лесно доделува престој за инвестиции. Секторот за недвижности остана главна дестинација за странски директни инвестиции.

Од враќањето на независноста во 2006 година до денес, Црна Гора привлече околу 14,6 милијарди евра странски директни инвестиции (СДИ).

Според анализите и податоците на Централната банка, повеќе од 50% од странските директни инвестиции одат во недвижности, додека инвестициите во домашни компании се намалуваат. Во 2023 година, само 113,9 милиони евра биле инвестирани во реалниот сектор.

Структурата на инвестициите од 2006 година покажува дека 32,9% од странските директни инвестиции отишле во недвижности, 31,5% во реалниот сектор, а 30,6% претставувале меѓукомпаниски заеми помеѓу подружниците и матичните компании. Во 2023 и 2024 година, инвестициите во недвижности надминаа 50% од вкупните странски директни инвестиции, што е „загрижувачки тренд“ бидејќи овие инвестиции не ја диверзифицираат економијата ниту го зголемуваат извозот, пренесува Инвеститор.ме.


Фото Економија и бизнис 

 

 

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано