Општество

ЕКСКЛУЗИВНО за ЕКОНОМИЈА И БИЗНИС | Александар Стојков: Очекувања за 2026 година

Што очекувате од 2026г.

Очекувам и искрено се надевам на подобра селекција на човечките ресурси на раководните позиции

Историјата ме научи веќе ништо да не очекувам. Времето на радикална неизвесност содржи премногу изненадувања. Очекувам објективно тешка година за Европа на економски и на безбедносен план, со надеж дека ќе надвладее разумот. Фазата на геополитички заплет трае предолго, а расплетот станува сѐ поверојатен. Упатените велат дека ќе настрадаат берзанските индекси (на хартии од вредност), а ќе продолжи да расте цената на златото. На домашен план, очекувам забрзана реализација на Реформската агенда (договорена со ЕУ), интензивирање на изградбата на патната инфраструктура и дополнителен напредок во дигитализација на процесите во јавниот и во приватниот сектор. Очекувам и искрено се надевам на подобра селекција на човечките ресурси на раководните позиции. Во доменот на јавните финансии, очекувам нагорни притисоци врз јавниот долг. Без нови шокови, недостигот на работна сила ќе го „оправда“ натамошниот раст на платите. И покрај тоа, инфлацијата би се движела околу 3,5 %. Очекувам поголема ангажираност на деловниот сектор и на граѓанското општество во креирањето на предлози до креаторите на политиките.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано