Економија
КОИ ЕУ ЗЕМЈИ СЕ НАЈСИЛНИТЕ ПРОТИВНИЦИ НА ТРГОВСКИОТ ДОГОВОР СО МЕРКОСУР?
10.01.2026
Политичко-економскиот блок на јужноамерикански земји Меркосур ќе го потпише долго одложуваниот договор за слободна трговија со Европската Унија на 17 јануари во Парагвај, соопшти денеска аргентинското Министерство за надворешни работи. По повеќе од 30 години преговори, на тој датум ќе биде потпишан „историски и најамбициозен договор меѓу двата блока“.
Земјите членки на ЕУ вчера потврдија дека големо мнозинство го поддржува договорот за слободна трговија со Меркосур. Станува збор за најголемиот трговски договор што Европската Унија го има склучено досега, иако за да стапи во сила ќе биде потребно и одобрување од Европскиот парламент.
Европската комисија и земји како Германија и Шпанија тврдат дека договорот ќе помогне во компензацијата на загубите предизвикани од американските царини и намалување на зависноста од Кина преку обезбедување пристап до клучни минерали. Противниците, предводени од Франција, најголемиот земјоделски производител во ЕУ, предупредуваат дека договорот ќе доведе до прилив на евтина храна, како што се говедско, пилешко месо и шеќер, што би ги загрозило домашните земјоделци.
Поради ова, земјоделците започнаа протести низ целата Унија, патиштата беа блокирани во Франција и Белгија, а протести се одржаа и во Полска. Иако Франција гласаше против, најмалку 15 земји што претставуваат 65 проценти од населението на ЕУ го поддржаа договорот, што беше доволно за одобрување. Според дипломатите, дури 21 земја беа „за“, додека Австрија, Франција, Унгарија, Ирска и Полска беа против, а Белгија се воздржа.
Спогодбата ќе ги укине царинските давачки во вредност од околу четири милијарди евра за извозот од ЕУ и ќе опфати трговија со стоки во вредност од 111 милијарди евра годишно. ЕУ главно извезува машини, хемикалии и транспортна опрема, додека Меркосур продава земјоделски производи, руди, пулпа и хартија во Европа. За да ги смири скептиците, Комисијата воведе заштитни мерки за чувствителни земјоделски производи, ги заостри контролите за увоз и вети поддршка за земјоделците.
Сепак, ова не беше доволно за Франција и Полска да го прифатат договорот. Во Париз веќе се најавуваат обиди за поништување на договорот во Европскиот парламент, додека еколошките организации предупредуваат дека тоа ќе го поттикне уништувањето на шумите во Амазон. Од друга страна, Брисел и Берлин веруваат дека договорот на крајот ќе биде ратификуван, веројатно напролет.
Меркосур, што е кратенка за Јужен заеднички пазар, е основан како регионален трговски договор во 1991 година од страна на Аргентина, Бразил, Уругвај и Парагвај.
Во изминатите недели, во повеќе земји членки на ЕУ се одржаа протести на земјоделци, кои побараа подобра заштита на своите производи и на европскиот пазар поради намерата на Унијата да постигне договор со овој блок.
Одделно, земјите членки на Европската Унија денеска официјално го одобрија потпишувањето на договорот за слободна трговија со Меркосур, соопшти Кипар, кој претседава со ротирачкото претседателство на ЕУ.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта ја поздрави одлуката, оценувајќи дека договорот носи конкретни придобивки за европските потрошувачи и компании. Во објава на социјалната мрежа Икс, Кошта наведе дека договорот е важен за суверенитетот и стратешката автономија на ЕУ, бидејќи ѝ овозможува на Унијата да ја обликува глобалната економија.
„Ги зајакнува правата на работниците, заштитата на животната средина и заштитните мерки за европските земјоделци. Покажува дека трговските партнерства засновани на правила се добивка за двете страни“, истакна Кошта.
Според дипломатски извор од ЕУ, 21 земја членка гласала за одобрување на договорот, додека Австрија, Франција, Унгарија, Ирска и Полска биле против, а Белгија се воздржала. За одобрување беа потребни најмалку 15 земји што претставуваат 65 отсто од населението на ЕУ.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц го поздрави гласањето како „пресвртница“, оценувајќи дека договорот ќе биде добар за Германија и за Европа, но додаде дека 25 години преговори се предолго и дека идните трговски договори мора да се склучуваат побрзо. Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва го оцени одобрувањето како „историски ден за мултилатерализмот“.
Одобрувањето ѝ го отвора патот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен да го потпише договорот со членките на Меркосур – Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај – во Асунсион, а аргентинското Министерство за надворешни работи соопшти дека церемонијата ќе се одржи на 17 јануари.
Пред стапувањето во сила, договорот ќе мора да биде одобрен и од Европскиот парламент. За да ги придобие скептичните земји, Европската комисија воведе заштитни мерки што овозможуваат суспензија на увозот на чувствителни земјоделски производи, ја зајакна контролата на увозот, формираше кризен фонд и најави дополнителна поддршка за земјоделците.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони оцени дека постигнатата рамнотежа е одржлива, додека во Франција крајно леви и десни партии најавија политички чекори против договорот. Француската министерка за земјоделство Ани Женевар изјави дека битката не е завршена и дека ќе се залага договорот да биде одбиен во Европскиот парламент, каде што гласањето, според проценките, би можело да биде тесно, објави МИА.
Фото Економија и бизнис