Општество

Предлог-законот за заштита од пушење e отворен за јавна расправа

Министерството за здравство соопшти дека предлог-законот за заштита од пушење е објавен на електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите заинтересирани граѓани и организации може да учествуваат во јавната расправа пред неговото усвојување. 

- Со овој закон отвораме суштинско прашање што директно ги засега здравјето и иднината на нашите деца и младите. Фактите се јасни и неоспорни - тутунот и никотинот остануваат водечка причина за превентабилна смрт, изложеноста на чад и аеросоли ги оштетува и опние што не избрале да пушат, а новите никотински производи, аромите, агресивниот маркетинг и дигиталната промоција се насочени токму кон младите. Затоа Министерството за здравство изготви нов закон за заштита од пушење, чија намера не е казнување, туку превенција, јавно здравје и заштита на најранливите категории граѓани - оценува министерот за здравство, Азир Алиу.

Целта на новите законски измени, се посочува, е воспоставување контрола врз појавата и ширењето на новите тутунски и никотински производи, особено нивната агресивна промоција и лесна достапност. Истовремено, се воведува целосна забрана за рекламирање, промоција и спонзорство, се ограничуваат продажбата и изложувањето на тутунски и никотински производи како превентивни мерки за поддршка на откажувањето од зависноста и, конечно, се зајакнува забраната за пушење во јавни и работни простории.

- Со овој закон испраќаме јасна порака дека здравјето е повисока вредност од кој било комерцијален интерес, дека здравјето на децата не може да биде предмет на профит, дека јавниот простор мора да биде безбеден простор. Воедно, законското решение е усогласено со европската регулатива и со меѓународните обврски што државата ги има преземено, принципите на рамковната конвенција на Светската здравствена организација - се наведува во соопштението од Министерството за здравство. 


 

Извор МИА

Фото Економија и бизнис 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано