Вести

„Диско вечер“ за Василица

Македонската опера и балет вчера и денеска од 20 часот го организира традиционалниот концерт по повод празникот Василица, годинава насловен „Диско вечер“, со програма која ги претставува во современа интерпретација најпознатите диско и поп хитови од 1970-тите и 1980-тите години.

Во најавата за настанот МОБ посочи дека тие ќе прозвучат во симфониски аранжмани и дека овој уметнички пристап „не е само носталгично враќање кон музиката од минатото, туку и нејзино творечко преосмислување“. 

- Публиката ќе има можност да ги слушне делата на светски признати автори и изведувачи како Глорија Гeјнор, Дона Самер, АББА,  Би Џис (Bee Gees), Мајкл Џексон и многу други, но во сосема ново руво: низ симфониски аранжмани што ја прошируваат нивната оригинална форма и ги поставуваат во контекст на современа концертна естетика. „Диско вечер“ создава мост меѓу жанровите, генерациите и музичките традиции поврзувајќи ја популарната култура со институционалната сцена на класичната музика. Таквата синтеза ја нагласува отвореноста на македонската Национална опера и балет кон современите културни текови и нејзината мисија да понуди програми што се истовремено квалитетни, иновативни и достапни за пошироката јавност, соопшти организаторот. 

Солисти ќе бидат домашни и странски пејачи: Џудит. Н. Беноа од Велика Британија, Даниел Ситрит и Мартин Лин од Данска, Клара Лукас од  Германија и Ана Петановска од Македонија. Ќе настапи  Оркестарот на Национална опера и балет и Националниот џез оркестар. 

Режисер на концертот е Дејан Прошев, диригент  Емин Џијан, сценограф и автор на видеодизајнот Марија Ветероска и светломајстор Милчо Александров.


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано