Финансии / Банкарство

ОГРАНИЧУВАЊЕ НА КАМАТНИТЕ СТАПКИ НА КРЕДИТИНИТЕ КАРТИЧКИ НА 10 ОТСТО!? - во најава исполнување на уште едно ветување на американскиот претседател

Американскиот претседател Доналд Трамп сака да обнови едно од своите клучни предизборни ветувања: едногодишно ограничување на каматните стапки на кредитните картички со максимум 10%. Според проценките на истражувачите, таквата мерка би можела да им донесе заштеди на Американците од околу 100 милијарди долари годишно. Но, најавата за ограничување на каматите веднаш предизвика силен отпор од банкарскиот и финансискиот сектор.

Американскиот претседател не прецизираше дали ограничувањето ќе биде воведено со извршна наредба или преку закон, но републикански сенатор кој разговараше со претседателот потврди дека ќе работи на законско решение со „целосна поддршка“ од Трамп. Претседателот изјави дека мерката треба да стапи на сила на 20 јануари, една година по неговото враќање на функцијата.

„Повеќе нема да дозволиме американската јавност да биде измамена од компаниите за кредитни картички кои наплаќаат камата од 20-30%“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Во САД во 2024 година, 195 милиони луѓе имале кредитни картички. Тие исплатиле 160 милијарди долари камата, според Бирото за финансиска заштита на потрошувачите.

Вкупниот долг на кредитни картички достигна 1,23 трилиони долари, според Федералните резерви на Њујорк. Просечните каматни стапки се од 19,65% до 21,5%.

Во заедничка изјава, Американското здружение на банкари и партнерските организации изјавија дека мерката ќе ги „турка потрошувачите кон помалку регулирани и поскапи производи“.

Засега, Белата куќа не одговара на прашања за тоа како би се вовел горната граница или дали банките се вклучени во разговорите, пренесува Бизнис.ба.


Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано