Бизнис

МСП ДА БИДАТ ЛИДЕРИ НА ЕКОНОМСКИТЕ ПРОМЕНИ, петгодишна стратегија за поголема конкурентност на малите и средните претпријатија

Министерството за економија и труд денеска ја презентира петгодишната национална стратегија за развој на малите и средните претпријатија, која треба да овозможи поголема конкурентност и зголемување на извозниот потенцијал на овие претпријатија. 

Стратегијата, како што беше посочено на презентацијата, содржи мерки за поедноставување на регулативите, подобрување на пристапот до финансии и поддршка за зелена и дигитална транзиција на овие претпријатија. 

Малите и средните претпријатија претставуваат ’рбет на националната економија сочинувајќи речиси 99 проценти од вкупниот број претпријатија и обезбедувајќи егзистенција за речиси три четвртини од вработените.

- Малите и средните претпријатија не се само дел од нашата економија - тие се нашата економија. Секој нивен успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава. Со стратегијата за МСП 2025 - 2030 создаваме услови тие да бидат лидери на промените, а не нивни следбеници - истакна министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

Документот, како што посочи Дурмиши, е изработен со инклузивен процес и е целосно усогласен со политиките на Европската Унија.

- Стратегијата директно ја подготвува нашата економија за интеграција во единствениот европски пазар - рече Дурмиши.

Имплементацијата ќе ја координира Министерството за економија и труд во партнерство со релевантните институции, стопанските комори, финансиските институции и меѓународните партнери. Предвидени се и механизми за редовно следење и оценување со цел обезбедување транспарентност и мерливи резултати во периодот 2025 - 2030 година. 


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано