Lifestyle
ВЕРНИЦИ ОД ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА СЕ ПРИЈАВУВААТ ЗА ПОЛОЖУВАЊЕ НА СВЕТИОТ КРСТ ВО ВОДИТЕ НА РАДИКА
15.01.2026
За само два дена над 100 верници се пријавени за положувањето на Светиот крст во водите на реката Радика што го организира Бигорскиот манастир. Во објавата на манастирот се вели дека по повод големиот христијански празник Богојавление, со благослов на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, светиот крст и годинава ќе биде положен во водите на река Радика, за што може да се пријават сите заинтересирани. Се замолуваат сите заинтересирани, кои сакаат да земат учество во овој чин да се пријават кај надлежниот архимандрит, отец Доситеј на телефонскиот број +389 70 342 970.
- По објавата, за два дена пријавени се над 100 верници, од повеќе градови на нашата држава. Можност имаат да се пријавуваат и следните денови. Очекуваме да има повеќе од двојно. На свечениот чин на полагање на светиот крст во водите на Радика, по традиција, ќе присуствуваат претставници на општина Маврово и Ростуше, како и жители од долнореканските села, рече за МИА архимандрит Доситеј.
Според отецот многу е важно учесниците во чинот на полагањето на крстот во водата претходно да учествуваат и на Божествената литургија со примање на Светата причест.
-Всушност самиот овој чин не треба да биде сфатен како еден обичен ритуал, ниту некаква натпреварувачка игра на којашто целта е само да се фати крстот, туку учесниците после Литургијата треба со литија да се упатат кон местото каде што ќе се осветуваат водите, и тука со најголема почит и внимание да ги слушаат прекрасните молитви на водосветот, без непристојно однесување и викање, бидејќи така си го отфрлаат благословот, додава отец Доситеј.
Што се однесува до богослужбите, по повод овој голем празник, на 17 јануари, во 6:30 часот ќе биде одржана Божествена литургија, додека од 23 до 4 часот Традиционално реканско сеноќно бдение со Архиерејска божествена литургија, на којашто ќе чиноначалствува владиката Партениј.
-На 18 јануари, од 4 до 4:30 часот Богојавленски Голем водосвет во манастирската фијала а во 19 часот празнична вечерна богослужба. На 19 јануари, на денот на празникот, во 8 часот, ќе биде одржана Божествена Златоустова литургија во храмот „Пресвета Богородица“ во село Ростуше, на којашто ќе чиноначалствува владиката Партениј од каде во 9:30 часот ќе тргне торжествената Литија до „Ростушки мост“, каде ќе биде полагање на Крстот во реката Радика, стои во објавата на манастирот.
Минатата година по светиот крст скокнаа околу 300 верници а најсреќен беше Климент Танески од Ростуше.
Фото МИА