Бизнис
САД ЈА ПРОДАВА ПОСКАПО НАФТАТА ОД ВЕНЕЦУЕЛА, Вашингтон ја реализираше првата продажба
16.01.2026
Вашингтон ја заврши својата прва продажба на венецуелска нафта во вредност од околу 500 милиони долари. По преземањето на продажбата од САД цената на нафтата од оваа земја е повисока.
„Добиваме околу 30% повисока реализирана цена кога продаваме ист барел нафта отколку што продаваа ист барел нафта пред три недели“, рече министерот за енергетика Крис Рајт, на настан на Американското здружение за енергетика, без да ги прецизира цените.
Претседателот Доналд Трамп минатата недела изјави дека Венецуела ќе предаде помеѓу 30 и 50 милиони барели нафта што моментално е под санкции на САД, а која ќе се продава по тековните пазарни цени. Во објава на социјалните мрежи, тој истакна дека ќе ги контролира приходите за да се осигури дека средствата ќе им користат и на Венецуела и на САД.
Ова би била само првата транша нафта, бидејќи Министерството за енергетика соопшти дека продажбата на венецуелска нафта ќе продолжи „на неодредено време“.
Венецуела има најголеми докажани резерви на сурова нафта во светот, околу 303 милијарди барели, но годините на недоволно инвестирање доведоа до сериозен пад на нејзината нафтена индустрија. Производството сега изнесува околу 800.000 барели дневно, што е намалување од врвот од 3,5 милиони барели дневно во 1990-тите.
Трамп минатиот петок објави дека нафтените компании ќе инвестираат најмалку 100 милијарди долари во обновата на енергетскиот сектор на Венецуела, додавајќи дека Соединетите Американски Држави ќе обезбедат безбедност за да се осигурат дека инвеститорите ќе остварат силни приноси, пренесува Сеебиз.
Фото Економија и бизнис