Општество
Јаневска : Нашите ученици до 15 години имаат 900 часа помалку од своите врсници во Европската Унија
20.01.2026
Јас сум многу среќна што грипот не достигна такви размери и што учениците може денеска да го почнат второто полугодие од учебната година, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Во гостување на Македонската радио-телевизија претпладнево таа рече дека кај нас е „неопходно малку повеќе да се воведе ред“ затоа што нашите ученици и онака поминуваат помалку часови на настава.
Пораката на министерката следува откога деновиве во јавноста беше актуелно прашањето дали ќе се продолжи зимскиот распуст поради пораст на бројот на заболени од грип.
Како што рече во интервјуто за МРТ1, сите можни истражувања, и во светот и кај нас, кажуваат дека колку повеќе децата се во училишните клупи толку е поголем нивниот резултат, односно стекнуваат толку повеќе знаење, вештини, компетенции.
- Нашите ученици до 15 години имаат 900 часа помалку од своите врсници во Европската Унија, чии стандарди ние сакаме да ги достигнеме и во кој клуб сакаме да се приклучиме. Но, ние, повозрасните, и родителите треба да знаат дека е неопходно да се почитува редот во образованието - додаде Јаневска.
Учениците денеска го почнаа второто полугодие од учебната 2025/2026 година по тринеделниот зимски распуст.
Фото Економија и бизнис