Општество
ВО ВТОРО ПОЛУГОДИЕ во штипските училишта педесет ученици си заминале, но и пет се вратиле од странство
20.01.2026
Во штипските основни и средни училишта второто полугодие почна со околу педесет ученици помалку во споредба со првото полугодие, но раководителката на Секторот за образование, ЛЕР и јавни дејности во Општина Штип, Снежана Санева денеска изјави дека во второто полугодие имаат запишано и ученици повратници, кои се вратиле во земјата од странство.
Таа додаде дека во училиштата во Штип се вратија четворица основци и еден средношколец, чии семејства живееле во Холандија, Англија и Германија.
-Некаде за педесеттина ученици се намали бројот, но имаме и пет новозапишани ученици со тоа што четири доаѓаат од странство, односно се повратници од странство и тоа во ООУ„Димитар Влахов„ имаме две дечиња од Холандија, во училиштетот „Тошо Арсов“ имаме ученик кој доаѓа од Англија, а ученикот во училиштето „Ванчо Прќе“ е повратник од Германија - рече Санева.
Таа истакна дека учениците кои учеле во странство пред да го продолжат своето образование во македонските училишта, се тестираат, со цел да се утврди нивното знаење и да се одреди во кое одделение ќе продолжат. Санева додаде дека за среќа, сите добро го владеат мајчиниот јазик, но наставниот кадар им посветува дополнително внимание на овие ученици за полесно да се адаптираат.
-Законот предвидува прво проверка на знаењето на учениците кои се враќаат од другите држави. Откако ќе се утврди степенот на знаење, детето се запишува во соодветното одделение. Често се случува тие деца веќе да биле запишани во нашето образование, се иселуваат, но за година до две повторно се враќаат - објасни Санева.
Таа информира дека Општина Штип и училиштата внимателно ги следат бројките на заболени од грип и апелираат учениците кои се со симптоми на грип да останат дома.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис