Интервјуа

Интервју | Мирјана Цветковска: Инфинум ги зајакнува своите капацитети за сајбер безбедност и го продлабочува своето присуство во Обединетото Кралство и во Западна Европа

Интервју со Мирјана Цветковска, генерален директор на Инфинум (Infinum) Македонија

Во време кога глобалните дигитални компании стануваат сѐ повлијателни, а технолошките промени се случуваат со невидено темпо, ретки се организациите што успеваат да растат, да останат и иновативни и стабилни и да ја негуваат и да ја унапредуваат грижата за своите вработени. Инфинум е токму една од нив. Две децении по своето основање, компанијата продолжува да го поставува темпото во европската и во американската дигитална индустрија, градејќи решенија што ги надминуваат и техничките, и креативните, и безбедносните стандарди. Во таков контекст, улогата на локалниот лидер станува пресудна − особено во години кога се случуваат големи чекори како аквизиции, експанзија на услуги и интернационален раст.
Генералниот директор на Инфинум Македонија, Мирјана Цветковска, зборува за визијата зад најновите стратешки потези, неодамнешната аквизиција, комплексноста на интеграцијата по аквизиција и значењето на градењето силна локална култура во рамки на глобален систем. Нејзината порака е силна и јасна: „Интеграцијата по аквизиција не е процес туку вештина на слушање, на почитување и на обединување“. Токму преку таа призма таа открива како Инфинум продолжува да расте − зрело, стабилно и храбро



Инфинум глобално важи за една од водечките европски компании за дигитални продукти. Како би ја претставиле компанијата денес и во светски рамки и локално?

Цветковска: Инфинум е компанија што веќе две децении го обликува европскиот и американскиот дигитален пејзаж. Основана во 2005 година, денес функционира преку осум канцеларии со повеќе од 400 професионалци кои работат на иновативни софтверски решенија за големи меѓународни организации. Нашата сила лежи во спојот на инженерска извонредност, супериорен дизајн и силна бизнис-логика − три темели што овозможуваат секоја наша соработка да резултира со продукт кој е стабилен, функционален и естетски беспрекорен. Клиентите веќе не перципираат како врвен технолошки партнер кој ги препознава проблемите и предлага решенија, а не како извршител на задачи.
Работиме за клиенти од различни индустрии, од финтек и здравство до телекомуникации, транспорт и автомобилска индустрија. Дилојт (Deloitte) повеќепати нè рангира меѓу најбрзоростечките технолошки компании во Европа, а нашата работа е наградувана со престижни интернационални признанија како Red Dot Design Award и iF Design Award.
Во Македонија сме присутни од 2021 година, но во овој кус период успеавме да изградиме тим од 30-тина вработени и надворешни соработници со силна кохезија, професионализам и култура што одговара на високите стандарди на Инфинум глобално. Тоа беше препознаено и оваа година, кога за првпат ја добивме наградата „Најдобар работодавач“, покрај тоа што глобално компанијата е осумкратен носител на ова признание. Признание кое многу значи, особено за канцеларија што расте, се позиционира и гради стабилно присуство на локалниот пазар.

Оваа година ја објавивте аквизицијата на британската AMR CyberSecurity. Какво значење има овој потег за Инфинум?

Цветковска: Оваа аквизиција е четврта по ред за Инфинум, а втора оваа година, по аквизицијата на холандската агенција за иновации во брендирањето, Your Majesty. Истата аквизиција е еден од најзначајните чекори во новото поглавје на Инфинум со која Инфинум стана мнозински сопственик на AMR CyberSecurity и го прошири постоечкиот тим на 30 експерти за сајбер безбедност, што е особено важно во динамичниот свет на сè почести кибернетички закани. Тоа не беше единствениот мотив за стратешки да се зајакне овој дел од работењето, тука се и сè построгите регулативи како НИС2-директивата (NIS2) и сè почестите барања на клиентите за безбедносни стандарди.
Сајбер безбедноста моментално е растечки сегмент во кој свесно инвестираме и кој покажува потенцијал за подобра диференцијација и влез на нови пазари, пред сè ЕУ и САД.
AMR CyberSecurity e основана во 2018 година и моментално работи претежно во Обединетото Кралство каде што во последниве седум години има стекнато клиенти од различни индустрии − од телекомуникации и финансии до одбрана и национална сигурност. Меѓу нив се добро познатата платформа Зум (Zoom), британската компанија за водоснабдување Anglian Water, организацијата за заштита на културно наследство English Heritage и државната лотарија во Ирска, Premier Lotteries Ireland.
AMR CyberSecurityима силен углед во светот на сајбер безбедноста, особено во доменот на пенетрациско тестирање, советување и специјализирани безбедносни обуки. Нивниот директор, Мартин Волшам, е член на извршниот одбор на CREST, призната меѓународна непрофитна асоцијација која го претставува глобалниот сектор за сајбер безбедност, a AMR е носител на сите најважни безбедносни сертификати.
Со нивното приклучување го прошируваме спектарот на услуги што можеме да ги понудиме и ја зајакнуваме сајбер безбедноста како полноправен столб во нашето портфолио. Ова е од огромно значење за компаниите и за институциите кои сакаат да работат со партнер што може да понуди целосно, безбедно, стабилно и долгорочно решение. Во време кога заканите се сè пософистицирани, а регулативите стануваат построги, ваквата експертиза е поважна од кога било.
Од друга страна, ова отвора важни можности и за нашите вработени − сега имаме силен тим од експерти за сајбер безбедност, со голем потенцијал за раст, за размена на знаење и за меѓународни проекти. За многу инженери ова е шанса да се вклучат во една од најдинамичните и најбараните технолошки области.
Оваа аквизиција е во согласност и со стратегијата на Инфинум за зголемување на своето присуство во Обединетото Кралство и во Западна Европа, а во иднина очекуваме дека услугите за сајбер безбедност ќе сочинуваат околу 10 % од глобалниот приход на компанијата.

Како изгледа процесот на интеграција по аквизиција, особено од перспектива на човечките ресурси?

Цветковска: Интеграцијата е најделикатниот процес по аквизицијата од чија успешна реализација зависи задржувањето на стабилноста , на бизнис-континуитетот и на вредните таленти. Самата интеграција вклучува многу аспекти, од финансиски, правни, маркетинг, продажба и сите останати процеси од кои, можеби, најделикатен е човечкиот аспект, т. е. интеграцијата на тимовите и стратешките ЧР-процеси и практики на двете компании − соработката, довербата, навиките, компаниската култура, стилот на комуникација, очекувањата − тоа е она што ја одредува успешноста на една обединета компанија.
Мојата улога како одговорна за ЧР-интеграцијата е создавање на стабилен и на структуриран процес во кој луѓето ќе се чувствуваат сослушани, поддржани и ориентирани во секој чекор. Тоа подразбира опсежна и длабинска анализа и споредба на постојните процеси (регрутација, вработување, мерење и наградување на резултати, развој на вработените), идентификување на клучни вработени, мерење и адресирање на задоволството на вработените, споредување на култури, внимателно усогласување на политики и на бенефити и, пред сè – градење канали за отворена и за континуирана комуникација.
Овој процес има и лично значење за мене. Пред да дојдам во Инфинум, работев во компанија што исто така помина низ аквизиција така што првите лекции ги научив од другата страна. Тоа ми помогна подобро да ги препознаам чувствителните точки, предизвиците, да ги разбирам реакциите и да ги предвидам моментите кога треба да постапиме внимателно и човечки.
Македонската канцеларија исто така стана дел од Инфинум по пат на аквизиција, и тоа искуство нè направи особено свесни за важноста на добрата интеграција. Научивме дека вистинската вредност се создава кога новиот тим не се чувствува „приклучен“, туку „примен“. Тоа е голема разлика − и потребно е време, труд, искрена посветеност и многу комуникација за да се постигне.

Инфинум Македонија оваа година го освои и признанието „Најдобар работодавач“. Какво влијание имаше оваа награда врз канцеларијата?

Цветковска: Признанието дојде во вистински момент и даде силен поттик на тимот. Можам да кажам дека ефектите се многу конкретни: препознатливоста и перцепцијата на компанијата како посакуван работодавач драстично се зголеми, имаме поголем број и сè поквалитетни апликации, а кандидатите многу повеќе ја препознаваат Инфинум како сериозен и стабилен работодавач што инвестира во своите луѓе.
Но, најголемата вредност ја почувствувавме интерно. За тимот ова беше потврда дека нивната работа, посветеноста и културата што ја изградивме заедно − навистина прават разлика. Тоа создава поголема доверба, посилна врска и дополнителна мотивација да продолжиме да растеме со истиот квалитет и со истиот фокус на луѓето.

Кои се идните планови за Инфинум − глобално и локално?

Цветковска: Глобално нашата стратегија е јасна: проширување на присуството во Западна Европа и во Обединетото Кралство, продлабочување на инженерските капацитети, развој на сајбер безбедносната гранка и инвестирање во нови технологии како машинско учење (ML) и вештачка интелигенција (AI). Во последниве три години Инфинум вложи 11 милиони евра во аквизиции, а преку кредити од ЕБРД и реинвестирање на сопствен капитал обезбедени се дополнителни 15 милиони евра за идни аквизиции во следниве две години со кои се планира финансирање на понатамошниот раст. Моментално најголемиот дел од приходите на Инфинум доаѓаат од услуги како дизајн, стратегија и развој на дигитални продукти, но стратешки се шири портфолиото на услуги со цел што подиверзифицирано работење и по услуги и по пазари бидејќи тоа овозможува сигурност и стабилност во работењето. Ќе се продолжи и со нови вработувања. Иако фокусот е најмногу на Обединетото Кралство каде што се очекува најголем раст во следниве две години, се планираат вработувања и во сите земји каде што компанијата има свои канцеларии.
Локално, во Македонија, планираме стабилен раст на тимот, понатамошно зајакнување на видливоста и на препознатливоста на брендот, проширување на технолошката експертиза и вклучување во уште поголеми меѓународни проекти. Сакаме да бидеме место кое ги привлекува најдобрите таленти − не само со технологијата на која работат туку и со културата во која се развиваат.

За крај – која е улогата на локалниот директор во ваква динамична, глобално растечка организација?

Цветковска: Во Инфинум имаме повеќе канцеларии, покрај седиштето во Хрватска, тука се Македонија, Црна Гора, Словенија, Холандија, Обединетото Кралство и САД и секоја локација има свое локално лидерство во лицето на генерален директор на локацијата. Нашата улога е да го поврземе глобалното влијание со локалниот потенцијал. Да создадеме средина во која луѓето се чувствуваат почитувани, поддржани и охрабрени да растат и да ги претставуваме достојно глобалниот бренд и репутација и локално. Да обезбедиме кохерентност со глобалната стратегија на Инфинум, но и да ги сочуваме локалните специфики на тимот, да креираме локални политики и бенефиции кои се различно релевантни за секоја локација.
Да бидеме глас на компанијата кога зборуваме за интеграција, за развој, за раст − но и глас на луѓето кога треба да се пренесат нивните потреби, идеи и визии.
Верувам дека секоја канцеларија на Инфинум ја носи својата специфична енергија, а нашата македонска ја носи силата на талент, искрена амбиција и желба за квалитет, споделување на знаење, како и изразена поврзаност и грижа едни за други. Мојата задача е таа енергија да ја насочам кон вистинскиот пат − стабилен, растечки и исполнет со можности.



Разговараше: Ќирко Бошкоски

ПРЕПОРАЧАНО