Економија

Трамп се закани со царини од 50 проценти на канадските авиони и за добавувачите на нафта од Куба

Американскиот претседател Доналд Трамп и се закани на соседна Канада со нова казнена царина од 50 проценти на авионите што се продаваат во САД.

Трамп исто така на својата платформа „Трут Соушл“ (Truth Social) изјави дека американската лиценца за канадскиот производител на деловни млазни авиони „Бомбардиер“ (Bombardier) ќе биде повлечена.

Како причини за повлекувањето на лиценцата на „Бомбардиер“ и заканата со царини, тој ги наведе активностите на канадските власти против „Галфстрим“ (Gulfstream), американски производител на деловни авиони. Трамп се пожали дека Канада не дала одобрение за неколку модели од конкурентот на „Бомбардиер“, со што практично ја забранила нивната продажба во соседната земја.

„Ако, од која било причина, оваа ситуација не се коригира веднаш, ќе и наплатам на Канада царина од 50 проценти на сите авиони продадени во Соединетите Американски Држави“, напиша тој во својата објава.

Минатата недела Трамп се закани со царини од 100 проценти на сите канадски стоки увезени во САД доколку Отава потпише договор со Пекинг. Канадскиот премиер Марк Карни отпатува во Пекинг овој месец и последователно најави поблиска соработка со Кина. Канада повлекува дел од своите царини за кинеските електрични автомобили, а за возврат Кина сака да ги отстрани трговските бариери за канадските земјоделски производи.

Американскиот претседател Доналд Трамп им се закани на добавувачите на нафта за Куба со дополнителни царини, додека неговата администрација продолжува да ја ескалира реториката против комунистичката влада на оваа карипска држава.

Трамп потпиша извршна наредба со која се воспоставува царински систем според кој „може да се наметне дополнителна ad valorem (царинска давачка по вредност) увозот на стоки што се производи на странска земја која директно или индиректно продава или на друг начин обезбедува нафта за Куба“.

Американскиот претседател изјави дека овој потег е преземен за да се заштитат американската „национална безбедност и надворешна политика од малигните дејствија и политики на кубанскиот режим“. Тој не прецизираше кои земји ќе бидат цел ниту какви царински стапки ќе се применуваат.

Односите меѓу Хавана и Вашингтон, кои се тензични со децении, значително се влошија откако Трамп се врати во Белата куќа пред една година. Трамп ја обвинува владата на Куба за нанесување штета на САД и би можел ефективно да предизвика целосен колапс на веќе разнишаната кубанска економија со запирање на снабдувањето со нафта од странство, пренесе ДПА.

Американскиот претседател во вторникот рече дека Куба е „многу блиску до пропаст“.

Куба се соочува со својата најтешка економска криза од револуцијата на Фидел Кастро во 1959 година и се бори со недостиг на гориво. Иако испораките на венецуелска нафта се намалија во последните години и се надополнуваат со набавки од Русија и Мексико, кубанската економија би можела целосно да колабира доколку САД целосно ги прекинат сите испораки.

Според медиумите, Мексико исто така ги намалило испораките на нафта за Куба под притисок на САД, иако нема потврда за ова од мексиканска страна. Неколку американски департмани сега треба да подготват предлози за конкретни царински стапки, кои Трамп потоа ќе ги избере.

Американскиот претседател ги предупреди Куба и другите земји со мерки за одмазда доколку бидат преземени контрамерки.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО