Општество
МВР: Ќе се формира национален комитет за заштита на новинарите, нивната безбедност е врвен приоритет
30.01.2026г
Безбедноста на новинарите, за Министерството за внатрешни работи, е еден од врвните приоритети и е максимално посветено на ова поле. МВР информира дека во тек е постапката за формирање национален комитет за заштита на новинарите, кој ќе биде системско унапредување на медиумската слобода и нивната безбедност.
Од МВР посочуваат дека целта на комитетот ќе биде: да обезбеди координација помеѓу институциите, медиумските организации и граѓанскиот сектор; да ја следи состојбата со безбедноста на новинарите; да изработи национален акциски план за заштита на новинарите во согласност со европските стандарди; да предложи мерки за превенција, заштита, гонење сторители и подигање на јавната свест; да ја поддржи примената на кампањата „Новинарите се важни“ (Journalists Matter) на Советот на Европа во национален контекст.
Со формирањето на комитетот се очекува: воспоставување институционален механизам за системска заштита на новинарите; унапредена координација меѓу државните органи и медиумските организации; зголемена доверба помеѓу новинарската заедница и институциите; изработка и спроведување национален акциски план за заштита на новинарите и подобрување на позицијата на земјата во меѓународните извештаи за медиумска слобода.
Формирањето национален комитет за заштита на новинарите, наведуваат од Министерството, претставува чекор напред кон обезбедување безбедна средина за работа на новинарите и медиумските работници, со што се зајакнуваат демократијата, владеењето на правото и европската перспектива на Република Северна Македонија.
Од МВР посочуваат дека слободата на изразување и слободата на медиумите се основни демократски вредности загарантирани со Уставот на Република Северна Македонија, Европската конвенција за човекови права и со меѓународните стандарди. Новинарите имаат клучна улога во информирањето на јавноста и во вршењето на својата професионална должност придонесуваат за отчетноста на институциите, владеењето на правото и заштитата на човековите права. Република Северна Македонија, како земја членка на Советот на Европа и како држава што се стреми кон полноправно членство во Европската Унија, има обврска и интерес да обезбеди безбедна и поволна средина за новинарите. Советот на Европа во 2016 година ја усвои препораката за заштита на новинарството и безбедност на новинарите и другите медиумски актери, која утврдува четири клучни столба: превенција, заштита, гонење и промоција на свесност и образование. Дополнително, во 2023 година почна европската кампања „Новинарите се важни“ (Journalists Matter), со цел зајакнување на националните механизми за заштита на новинарите.
Ова се некои од основните причини поради кои во Република Северна Македонија во тек е постапката за формирање национален комитет за заштита на новинарите.
Од МВР соопштуваат дека во текот на 2025 година на национално ниво продолжил институционалниот ангажман во насока на унапредување на безбедноста на новинарите, со редовна комуникација и координација меѓу релевантните институции. Во текот на годината редовно се вршеа консултации насочени кон следење на пријавените случаи поврзани со закани и напади врз новинари, размена на информации меѓу надлежните институции, унапредување на соработката со новинарските здруженија и медиумските работници и друго. Активностите биле насочени кон навремено реагирање, подобрување на превентивните механизми и зајакнување на довербата меѓу новинарите и институциите. МВР во соработка со надлежните институции воспоставило јасни и функционални протоколи за постапување во случаи на напади или закани кон новинарите. Министерството за внатрешни работи во соработка со Здружението на новинарите на Македонија веќе неколку години води регистер на напади врз новинари, јавно достапен на веб-страницата на МВР. Изработен е и прирачник за безбедност на новинарите, а редовно се спроведуваат обуки и едукативни активности со цел зајакнување на превенцијата и меѓусебната соработка.
- Во врска со онлајн-вознемирувањата, особено на жените новинарки, беа преземени чекори за зголемување на свесноста за специфичните ризици со кои се соочуваат жените новинарки, особено во однос на онлајн-вознемирување и родово базирани закани, при што во Секторот за компјутерски криминал при МВР е назначена контакт-точка, со цел побрзо и поефикасно справување со ваквите случаи, односно за брзо реагирање. Новинарките може директно да се обратат или преку Здружението на новинарите на Македонија, а за секој пријавен случај веднаш се преземаат мерки за расчистување - велат од Министерството.
Од МВР информираат дека организирани се активности, средби, обуки и работилници, на кои учествувале претставници од Министерството, како и голем број медиумски работници, новинари на кои се разгледувале начините за зголемување на соработката меѓу полицијата и новинарите, градење меѓусебната доверба и разбирање, како и начинот на доставување на информациите и нивно пренесување во јавноста, особено за чувствителни теми. Во тој контекст, една од заедничките работилници била и „Етичко и родово сензитивно известување за трговија со луѓе и родово засновано насилство во институциите и медиумите“, која се одржа во Скопје.
Соработката со медиумските работници, односно новинарите, градењето сигурна и цврста меѓусебна партнерска нишка, како и нивната безбедност, за МВР е еден од врвните приоритети. Во таа насока потпишан е меморандум за соработка со Здружението на новинарите на Македонија, имаме одредено национална фокална точка и локални фокални точки во склоп на кампањата на Советот на Европа за заштита на новинарите, а континуирано се одржуваат и работилници и обуки, на кои учествуваат полициски службеници и новинари. Ценат дека соработката е на највисоко ниво, а заеднички се изработени и прирачници за справување со можните предизвици во врска со безбедноста на новинарите.