Финансии / Банкарство
Турбулентните берзански години се идеална можност за остварување натпросечни добивки
30.01.2026г
Инвестирањето во акции е еден од најефикасните механизми за зачувување на вредноста на парите, за победа над инфлацијата и за мултиплицирање на финансискиот имот дури и во променливи економски околности, порача Коста Костадиновски, овластен инвестициски советник од Капитал ассет менаџмент на традиционалната Годишна инвеститорска средба, која се одржа оваа седмица во просториите на Стопанската комора на Македонија.
Иако 2025 година, според него, донесе серија пазарни земјотреси со наслов „Трамп“, манифестирани преку политичка непредвидливост, трговски тензии, силни геостратешки превирања и надмудрувања, глобалната економија покажа исклучителна жилавост. Внимателното опоравување од овие процеси стана плодна почва за оние кои поседуваат стратешка визија.
„Во воспоставувањето динамична рамнотежа меѓу суровата реалност на пазарните потреси и рационалниот оптимизам за вложување во акции, клучот лежи во транзицијата од ризик кон конзистентност, одлучност и истрајност”, децидно објаснува Костадиновски.
Проекциите на Костадиновски за 2026 најавуваат интересна берзанска година со широк спектар потенцијални резултати што може да се појават како исход од тековните случувања, најмногу на темите имплементација на вештачка интелигенција, деглобализација и фрагментација на глобалната економија, како и стабилноста во снабдувањето со критични ресурси.
„Нашите берзански можности ќе треба да ги најдеме во компании кои докажано носат квалитетни и одржливи профити и дивиденди. Домашниот пазар се уште е преценет и во такви услови, на овој пазар ќе бидеме присутни единствено ако се појават атрактивни цени за купување или ако компаниите позитивно изненадат со натфрлување на остварените добивки”, додава Костадиновски.
Во 2026 се очекува дополнително разлабавување на монетарните политики во Европа и во САД, посебно по назначување на новиот претседател на Федералните резерви на САД.

Една од најрелевантните интернационални инвестициски куќи, ЈП Морган, во своите анализи за 2026 предвидува скромен раст, најмногу затоа што ќе продолжат вложувањата во вештачката интелигенција. На глобално ниво, на берзите се очекува добра година, со оптимистички изгледи кои не се ограничени само на САД, туку ги опфаќаат и останатите развиени пазари и пазарите во развој. Во развиените пазари, каматните стапки се очекува да го задржат актуелното ниво, со исклучок на САД каде се очекуваат 2 намалувања. Иако генералните очекувања индицираат забавување на инфлацијата, аналитичарите на ЈП Морган не ја исклучуваат можноста за повремени инфлаторни осцилации во одредени развиени економии.
Во 2025-та година, Капитал ассет менаџмент дејствувајќи со полн капацитет, остави длабока и позитивна трага во својата сфера: материјализирање на сериозно високи резултати кои произлегоа од стратешките вложувања од претходните години и значајно зголемување на вложувањата на клиентите во беспрекорно оптимален момент. Истата година, Друштвото бележи експоненцијален раст на имотот под управување со индивидуално портфолио за клиентите. Овој импресивен нагорен тренд е директна рефлексија на зголемениот обем на нови вложувања и на конзистентниот пораст на вредноста на акциите во кои се инвестирани нивните средства.
За соодветно разбирање на оваа прогресивна траекторија од пошироката јавност, инвестициските советници упатуваат на една клучна статистика: на берзата постои девет пати поголема веројатност за остварување добивка од 15 или повеќе проценти отколку да бидете во минус од 15 или повеќе проценти. На долг рок, квалитетниот избор на акции носи профит, базиран на релевантни експертски анализи на компаниите, диверзификацијата и континуираното вложување!
Како единствено специјализирано друштво за индивидуално управување со портфолио на хартии од вредност во Македонија и инвестиционо советување, Капитал ассет менаџмент се наоѓа во одлична финансиска кондиција, подготвено за имплементација на новиот Закон за финансиски инструменти во септември 2026 година. Преку воспоставените стратешки соработки, Друштвото останува доследно на својата мисија: градење долгорочен партнерски однос со клиентите со високо ниво на меѓусебна доверба и почитување, притоа обезбедувајќи квалитетни решенија согласно нивните променливи потреби и финансиски цели.