Економија

ЕК за следната недела закажа состанок со министрите од Западен Блакан за проблемите на превозниците

Европската комисија за следната недела закажа состанок со министрите од шесте земји од Западен Балкан за прашањата што ги иницираа камионџиите од регионот, кои изминатите денови ги блокираа граничните премини кон шенген-зоната, најави денеска портпаролот на ЕК за внатрешни работи, Маркус Ламерт.

- Свесни за загриженоста што ја изразија транспортните оператори од Западен Балкан, внимателно ја следиме ситуацијата и во контакт сме со нашите партнери во регионот. Во средата се одржа средба меѓу Комисијата и амбасадорите на шесте земји од Западен Балкан во ЕУ, а за следната недела е закажан и дополнителен состанок со министрите од овие засегнати земји - рече Ламерт.

Тој нагласи дека Европската комисија е целосно посветена на прашањата што ги иницираа превозниците, па оттаму и со вчера објавената стратегија за визите се предвидува тесна соработка со земјите членки „за да идентификува прагматични решенија, што може да се осигурат безбедност и економска корист за ЕУ, како и правна јасност за патниците“.

- Врз основа на размислувањата, ќе се разгледа и воведување ново законодавство со специфичен сет правила за продолжен кус престој на ниво на ЕУ - додаде Ламерт.

На новинарско прашање кога би можеле да се очекуваат овие нови правила, Ламерт одговори дека засега не би можел да даде никаква временска рамка.

Во однос на забелешките на превозниците на воведувањето на системот за регистрација на влез и излез (ЕЕС), Ламерт нагласи дека со него не се воспоставуваат нови правила за престој во шенген-зоната, туку и натаму во цела Европа се во сила истите правила што важат со години.

- Би сакал одново да ги повторам правилата. Според правилата на шенген-зоната, граѓаните на земјите ослободени од визен режим имаат право да останат во шенген-зоната до 90 дена во кој било период од 180 дена. Секој престој подолг од ова мора да биде покриен со различна форма на виза, на пример, со виза за долг престој или дозвола за престој издадена од земја членка. Нема нови правила - истакна Ламерт.

Тој додаде дека постои одредена флексибилност за прекугранични работници, кои секојдневно ги минуваат границите на ист премин, но тоа не важи и за другите.

- Свесни дека некои професионалци имаат потреба да престојуваат во шенген-зоната подолго од 90 дена во периодот од 180 дена. Ова вклучува професии, како што се возачите на камиони, но исто така и спортистите и уметниците. Тоа е регулирано со национални правила, како и со постојните билатерални договори - истакна портпаролот.

Ламерт додаде и дека ЕЕС, чие постепено воведување почна лани во октомври, претставува многу важен чекор напред за ЕУ и нејзината колективна безбедност бидејќи ја зајакнува безбедноста на заедничките граници и на Унијата како целина и го прави патувањето полесно за сите патници.

Според него, на ЕЕС-системот досега се поврзани 23 милиони субјекти и се регистрирани 12.000 прегледи на влезови.

Ламерт потсети дека целосната примена на ЕЕС треба да почне во април, но ако се појават некакви проблеми и застои, особено во текот на летните месеци, периодот за негово постепено воведување може да биде продолжен до септември. 


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО