Општество

Светските истражувања покажуваат дека алтернативните производи без чад не се исто што и цигарите

Изедначувањето на цигарите и алтернативните тутунски производи без чад, кои во нацрт-законот за заштита од пушење се ставени во иста категорија и дефинирани со нејасни и неточни термини, е големо назадување во постојната регулаторна рамка и директно се коси со јавните политики за намалување на штетата предизвикана од пушењето, алармираат професори и правни експерти. На проблематиката со погрешното категоризирање на алтернативните тутунски производи без чад во нацрт-законот посочи и Групацијата за производство на цигари, која е дел од Здружението на производители на тутун и производи од тутун во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија, укажувајќи дека овие категории веќе се посебно дефинирани во постојниот Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи и затоа не може да се третираат исто како и цигарите при носењето на регулативата.

Алтернативните производи од тутун без чад се релативно нови на нашиот пазар, но од поодамна се појавија на пазарите во развиените земји во светот, поради што за нивното влијание се достапни голем број научни студии и истражувања спроведени од еминентни светски експерти. Резултатите од истражувањата покажуваат дека овие производи се помалку штетни од традиционалните цигари, а аеросолите што ги испуштаат дел од нив се со различен состав од чадот на цигарите, кој содржи многу штетни материи.

И во нашата земја пред неколку години беше спроведено сеопфатно истражување во рамки на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ). Студијата насловена како „Социјален пристап и прифаќање на намалување на штети преку наука и истражување“, која е јавно објавена, опфати детално истражување на достапни податоци од релевантните извори на информации за карактеристиките на овие производи, нивното влијание врз консументите и нивната околина, како и значењето на алтернативните тутунски производи во политиките за јавно-здравје и врз економијата. Врз основа на сите собрани информации, во студијата се наведува дека е неопходна диференцијација на алтернативните тутунски производи од цигарите со оглед на достапните научни информации за нивната намалена штетност, но и дека е потребно зголемување на едукацијата на јавноста за да се охрабри преминот од цигари кон помалку штетни алтернативи.    

Во оваа студија пишува дека никотинот, иако создава зависност и не е без ризик, не е примарната причина за болести поврзани со пушењето, туку овие болестите се предизвикани првенствено од хронично изложување на штетните состојки што се произведуваат кога тутунот согорува. При согорувањето на тутунот кај цигарите, на температури повисоки од 600 степени целзиусови и недоволно присуство на кислород, се добиваат продукти и чад кој е содржи над 6.000 соединенија, од кои најголемиот дел се класифицирани како токсични. Од друга страна, уредите за загревање тутун не вклучуваат согорување на тутунот, при што аеросолите што ги испуштаат содржат и над 90% помалку штетни материи отколку чадот на цигарите.

- Достапните истражувања на квалитетот на воздухот во затворени простории, каде се употребуваат цигари и електронски уреди за загревање на тутун покажале дека аеросолите генерирани од електронските уреди имаат значително помало влијание врз составот на воздухот во затворени простории во споредба со чадот од цигари. Употребата на електронски уреди за загревање тутун е поврзана со значително помала изложеност на штетни материи по здравјето на луѓето во споредба со пушењето цигари, иако одреден ризик секако дека постои – пишува во студијата.

Домашните експерти нотирале дека постоечката законската регулатива за контрола на тутунот во земјава е усогласена со Рамковна конвенција за контрола на тутунот (РККТ) на Светската здравствена организација (СЗО) и со европската Директива за тутунски производи.

- Преку воспоставената строга регулатива за комерцијализација на овие производи, македонскиот Закон за тутун е еден од најпрогресивните закони во регионот кој ги следи насоките од РККТ, во исто време следејќи ги промените во тутунската индустрија и пропишува строги правила за комерцијализација на вакви нови производи на македонскиот пазар што е во склад како со ЕУ директивите, така и со основните начела на РККТ – пишува во студијата на МАНУ.

И покрај јавната достапност на голем број вакви студии, останува нејасно зошто во нацрт-законот за заштита од пушење се прави нова категоризација на алтернативните тутунски производи, се изедначуваат сите категории производи и се внесуваат нови и нејасни термини, што претставува назадување на постојната регулаторна рамка.

Како препорака во оваа студија се наведува дека Македонија, која традиционално е позната како земја на одгледување тутун, треба да ги има предвид добрите глобални пракси во поглед на постоењето на помалку штетни алтернативи, вклучително и на цигарите, за да може да се креираат политики кои би стимулирале диференцијација што, од друга страна, би придонело кон подобрување на квалитетот на живот.

ПРЕПОРАЧАНО