Општество
Сто кориснички добиле поддршка од Центар за поддршка на жртви на семејно насилство во Кавадарци
03.02.2026
Сто кориснички добија поддршка во 2025 година преку услугите на Регионалниот советувалиштен центар за жртви на родово базирано насилство во Кавадарци. Од нив, 30 се нови барателки, кои првпат се обратија за помош. Осум млади се евидентирани како деца што доживеале траума како резултат на семејно насилство - директно или индиректно, информираат од Центарот.
- Овие податоци ја потврдуваат реалната потреба од достапни, навремени и доверливи услуги за жртвите на родово базирано и семејно насилство. Зад секоја бројка стои човечка приказна и потреба од сигурност, поддршка и заштита. Регионалниот советувалиштен центар продолжува со посветена работа во насока на психосоцијална поддршка, советување и зајакнување на жртвите, со посебен фокус на заштитата на децата како најранлива категорија - посочуваат од Центарот.
Од таму нагласуваат дека помошта е достапна, а поддршката е доверлива.
- Заедно градиме простор во кој храброста да се побара помош се претвора во сила за нов почеток - додаваат од Центарот.
Спас од насилство во 2024 година, пак, побарале 35 жени во Регионалниот советувалиштен центар во Кавадарци. На 240 припаднички на понежниот пол им биле потребни услуга или совет од социјалната работничка, 35 ја користеле помошта од психолог психотерапевт, а 93 жени побарале бесплатно правно советување.
Регионалниот советувалиштен центар работи во согласност со стандардите на Министерството за социјална политика, демографија и млади, а раководено е од Здружението за родова еднаквост „Визија“ од овој град. Советувалиштето нуди услуги за сите жртви на насилство. Функционира регионално и финансирано е од општините Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија. Центарот постои од 2022 година.
Извор/фото МИА